Сé што се знае за новиот ПВО-систем С-550

Наука и технологија
НИКОЛАЈ ЛИТОВКИН
Русија ги најави претстојните испораки на системот С-550 за кој досега не се знаеше. За што се работи?

Министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу на 9 ноември потсети на зборовите на претседателот Владимир Путин дека е неопходно „да ѝ се испорачаат на руската армија ПВО-системите С-350, С-500 и С-550“. Тоа значи дека Русија направила сосема непознато оружје и се подготвува да го стави во функција.

Изјавата на Шојгу одекна како гром од ведро небо ширум светот. Во моментот на пишување на оваа статија, воениот врв и производителите на системот С-550 не изнесоа никакви детали за овој систем, ниту пак се согласија да дадат коментар во врска со него.

Што велат експертите за системот С-550?

С-500 е првата генерација на ПВО-системи кои пресретнуваат балистички и хиперсонични ракети во вселената. Експертите претпоставуваат дека С-550 ќе биде меѓуверзија која ќе биде поевтина од С-500 и истовремено ќе извршува и други тактички задачи.

Покрај тоа, експертите сметаат дека С-550 е верзија која се разликува по дополнителните борбени карактеристики во однос на основниот систем С-500 и дека е модернизирана за извршување конкретни задачи и уништување на широк спектар на цели.

С-500 „Прометеј“ е универзален систем со долг дострел за пресретнување на големи висини. Може да пресретнува балистички и крстосувачки ракети, како и аеродинамични цели (авиони). Радиусот на ракетата на С-500 е околу 600 километри. Овој систем почна да пристигнува во руската армија пред неколку месеци.

„Државното тестирање штотуку заврши и почнаа првите испораки на системот. И тоа сè уште не во полн комплет што треба да го произведе „Алмаз-Антеј“ по барање на нарачателот“, изјави на 16 септември рускиот вицепремиер Јуриј Борисов.

Виктор Мураховски, главен уредник на списанието „Арсенал Отечества“, смета дека разликата меѓу С-500 и С-550 е приближно иста како и меѓу С-350 и С-400.

„Можеме да направиме паралела помеѓу ПВО-системите С-350 и С-400, на кои се работеше истовремено, но за различни задачи“, вели тој.

С-350 е поевтина варијанта наменета за поблиски цели, додека С-400 е поскапа и опремена со ракети кои соборуваат авиони за набљудување со долг долет како што е RC-135, како и авиони за обележување цели на земја и извидување Е-8, летала од типот „Авакс“ и стратешки бомбардери на растојанија кои се поголеми од радиусот на нивните ракети, како и други носачи на нуклеарни ракети“, појасни Мураховски.

Овде ситуацијата е обратна, во смисла дека С-550 ќе биде поевтина варијанта наменета за помали растојанија, додека С-500 е поскапа, има поголем дострел и достигнува поголема висина.

Првиот проект С-550 од Советскиот Сојуз

Претходно не се знаеше дека во Русија постои систем за противвоздухопловна или противракетна одбрана со ознака „С-550“. Единствениот проект со ознака „С-550“ постоеше уште кон крајот на 1980-тите, пред распадот на Советскиот Сојуз. Тој беше замислен како мобилен ПВО-систем кој, меѓу другото, ќе пресретнува и балистички ракети.

Меѓутоа, непосредно пред распадот на Советскиот Сојуз во 1988 година, работите над овој проект беа прекинати. Не е познато дали тој проект има некаква врска со новиот систем што го спомена министерот за одбрана.