Перспективниот руски ловец Checkmate (Су-75) првпат ќе биде претставен во странство

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Русија првпат ќе го прикаже во странство перспективниот ловец Checkmate на саемот за воздухопловство Dubai Airshow 2021.

Перспективниот руски лесен ловец од петтата генерација Checkmatе (Су-75) првпат ќе биде претставен на меѓународниот саем за воздухопловство Dubai Airshow 2021, соопшти за новинарите извор од руската авиоиндустрија.

Саемот ќе се одржи од 14 до 18 ноември.

„Checkmate предизвика голем интерес во странство. Емиратите се одлична платформа за презентација на авиони за широк круг на потенцијални партнери. Планирано е да се одржат низа затворени презентации за делегации на саемот, како и одржување на отворена презентација за посетителите и претставниците на медиумите“, изјави информиран извор.

Едномоторниот авион Checkmate беше премиерно претставен на саемот за воздухопловство МАКС 2021 во Русија, каде што беше прикажан негов прототип.

При проектирањето на новиот авион се користени резултатите од работата над ловецот Су-57. Овие авиони се слични и однадвор, со тоа што Checkmate е значително полесен, бидејќи има само еден мотор. Авионот ќе биде направен по стелт-технологија, ќе добие сегменти за вооружувањето во внатрешноста на трупот, најнова електроника и можност за управување со мали беспилотни летала. Су-75 ќе може да развие брзина до 1,9 илјади километри на час, а неговиот борбен радиус изнесува три илјади километри.

Рускиот ловец Checkmate ќе се склопува во фабриката за авиони во Комсомолск на Амур (КнААЗ). Првиот лет е планиран за 2023 година, а почетокот на сериското производство за 2025 година.