Рускиот АК против американскиот М-4: Кој автомат го претпочитаат припадниците на Спецназот и зошто?

Евгениј Епанчинцев/Sputnik; Министерство за одбрана на САД
Веројатно многумина очекуваат да напишеме како АК е подобар, но ова прашање не е толку едноставно.

Со децении, љубителите на оружје низ целиот свет дискутираат за тоа која платформа на автомат е подобра, дали рускиот АК или американскиот М-4.

Замоливме руски инструктор за специјални операции да ги разоткрие митовите и да каже кое оружје го користи рускиот спецназ во антитерористичките операции ширум земјата.

Еве што ни кажа.

Операции во планински подрачја, шуми и големи градови

Персонал на специјалните единици на Федералната служба за извршување кривични санкции (ФСИН) на квалификациски тест за правото да носи црвена беретка.

„Специјалните единици секако ќе го земат АК ако треба да поминат неколку недели во шуми, мочуришта и планински подрачја. Едноставно кажано, тие можат да го користат автоматот „Калашников“ на највалканите места што може да се замислат, бидејќи овој автомат е направен токму за такви услови“.

„Можете да го прегазите „Калашников“ со камион, потоа да се вратите во рикверц и повторно да го прегазите, а потоа повторно да пукате од него во лошите момци. Ништо слично не е можно со друго оружје“, вели полушеговито Андреј Пискунов, инструктор на руските единици за специјални операции.

Тој вели дека АК е најдобрата варијанта кога немате средства за сервисирање и чистење на своето оружје.

Во останатите ситуации, единиците на Спецназот го користат автоматот М-4.

„Тој е подобар за операции во градски услови. Прецизен е и нема трзај. Секој може да го прилагоди на своите потреби и да ракува со него како што сака“, вели експертот.

Добри и лоши страни на американскиот автомат М-4

Припадници на Царинската и граничната контрола на САД (US CBP) гаѓаат од М-4 за време на квалификациски тест на стрелиште на 22 септември 2018 во Хидалго, Тексас.

Руските единици со причина го фалат американскиот автомат М-4. Тој е многу прецизен, нема голем трзај, многу е ергономичен и удобен за ракување.

„Професионален стрелец може да го преуреди М-4 како што сака. Може да го прилагоди чкрапалото да биде помеко и со тоа да ги зголеми своите можности за гаѓање. Може да му стави оптика и други уреди, и може да биде сигурен дека автоматот ќе го погоди истото место и по испукани 200 и 300 куршуми“, истакнува офицерот на спецназот.

Закривеноста на траекторијата на куршумот е помала отколку кај АК, особено при пукање од поголема далечина (обично тоа е 250 и 300 метри за автомати).

М-4 е направен од алуминиум, а тој е полесен и почувствителен од челикот што концернот „Калашников“ го користи за своите автомати.

Американското оружје има и многу ситни детали благодарение на кои полесно и побрзо се ракува со него во операции од типот „пронајди и уништи“.

Медиумите и корисниците на интернетот шират гласини за тоа како американските војници ги отфрлиле своите автомати М-16 и почнале да користат „Калашников“ во судирите со востаничките одреди во Виетнам, Ирак и Авганистан. Причината беше едноставна: М-4 не функционира во екстремни услови, за разлика од АК.

„Последен пат Американците го заменија своето оружје со автомати „Калашников“ во текот на војната во Виетнам. Триесет години подоцна нивните автомати станаа отпорни на лоши услови. Во денешно време припадниците на специјалните американски единици го користат оружјето на нивниот потенцијален непријател само со цел да го залажат противникот, за да изгледа дека убиството го извршила локалната мафија или војската, а не некоја странска специјална единица“, истакнува експертот.

Добри и лоши страни на рускиот автомат „Калашников“

Демонстративна стрелба од митралез АК-74М (5,45 мм) на Меѓународниот военотехнички форум „Армија 2015“, Кубинка.

„АК е застарен за примена во нечујни ноќни операции. Луѓето кои имаат пари ќе го претпочитаат американскиот автомат, бидејќи е поефикасен. Од друга страна, ние никако не би го препорачале како масовно оружје во армијата“, вели Пискунов.

Според него, М-4 е ефикасен во рацете на висококвалификувани офицери и стрелци. Од друга страна, на армијата за масовна употреба ѝ е потребно сигурно оружје што може да се носи низ мочуришта и да продолжи да функционира. Механизмите на „Калашников“ ја исфрлаат целата нечистотија од автоматот и го принудуваат да функционира. Американскиот модел „не може да се пофали“ со слични опции.

„АК може да испука илјада куршуми повеќе од американскиот автомат и дури тогаш му се менува цевката заедно со уште некои други делови. Тоа е добра функција“, истакнува експертот.

Тој додава дека американскиот автомат може да се „запали“ по испукани 200 куршуми без прекин, додека руското оружје и понатаму функционира.

„Дајте му на војник АК и тој ќе го користи континуирано дури и десет години. Ова оружје се прави еднаш засекогаш, додека странското оружје секогаш мора да се сервисира“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња