„Калашников“ или „Хеклер“: Кој е подобар?

Виктор Толочко/Sputnik; Public Domain
Едниот стана најпопуларниот автомат на светот, а другиот беше избран за ликвидација на Осама бин Ладен, најопасниот терорист на 21 век.

Од сите јуришни автомати што се произведуваат во светот, припадниците на специјалните единици ги претпочитаат рускиот „Калашников“ и германскиот H&K416. Во овој прилог ќе ги разгледаме за предностите и маните и на едниот и на другиот и ќе се обидеме да процениме кој е подобар.

Автомат „Калашников“

„Неговите предности се извонредната сигурност, евтиното производство и брзата обука. Секој неписмен селанец во Африка учи за 15 минути да расклопи, исчисти и склопи „Калашников“, да пука и да ги користи неговите основни механизми, по што можете слободно да го испратите во борба“, вели Иван Александров, резервен мајор и поранешен припадник на една специјална единица на РФ (поранешен снајперист на Федералната служба за безбедност, но молеше да не се истакнува тоа).

Како што истакнува тој, автоматиката на „Калашников“ е специфична по тоа што е направена да биде посилна отколку што би требало да биде и затоа е лесно да се опслужува овој автомат.

„Многу е отпорен на секаква нечистотија. Прашината и калта едноставно ги исфрла со гасовите при пукањето. Кога оружјето ќе се извалка, триењето помеѓу подвижните делови се зголемува, но бидејќи механизмите се посилни отколку што би требало да бидат, автоматот и тогаш работи без никакви проблеми“, додава тој.

Од друга страна, токму поради тоа, „Калашников“ не е доволно стабилен кога пука во автоматски и единечен режим, така што неговата густина на стрелба е значително полоша од автоматите од странско производство.

„Исто така, може да се види дека системот за замена на рамката кај АК има излез со заб. Тоа не е толку згодно и ергономично како кај странските модели, но е посигурно. Ако ја испуштите рамката и таа падне во песок или кал, само ја земате и закачувате и автоматот ќе работи“, истакнува Александров.

Како недостаток тој исто така го наведе и мошне долгиот од на чкрапалото. „Тоа не е погодно за прецизна стрелба, за гаѓање летачки цели или спортско гаѓање, ако зборуваме за цивилниот пазар. Но, затоа е идеален за потребите на воената служба и нејзините реалии“, заклучува експертот.

H&K416

Норвешки војник во провинцијата Фарјаб во Авганистан наоружан со автомат HK416.

Германскиот јуришен автомат Heckler & Koch 416 е речиси половина век помлад од „Калашников“. Направен е за потребите на специјалните единици на НАТО кои беа незадоволни од функционирањето на моделите Colt M4 и Colt M16 во тешки климатски услови.

„Ако треба да се опише со неколку зборови, тогаш тоа се германски квалитет и сигурност. Ова е еден од најдобрите автомати на денешницата, кој зеде сé најдобро од рускиот АК и американскиот М4“, вели мајорот во резерва.

Според него, тој е сигурен исто како и АК, но е попрецизен од американскиот М4.

„Називот на автоматот упатува на линијата Colt M4 и Colt M16, бидејќи Германците го направија исклучиво горниот дел за автоматите од серијата Colt M4 и Colt M16“, објаснува експертот.

За да ги решат проблемите на американското оружје, Германците го заменија системот за одвод на барутните гасови на „Колт“ со краткиот од на гасниот клип на германскиот модел G36. Тие заменија еден дел од материјалот со алуминиумска легура и на тој начин го направија оружјето полесно.

Покрај тоа, тие вметнаа цевка направена со ладно ковање за да биде оружјето поотпорно, а исто така го усовршија и повратниот механизам со затворачот.

„На тој начин H&K416 треба да биде далеку посигурна алтернатива за моделите M4 и M16, во која се надминати нивните проблеми со откажувањето, валкањето и прегревањето. Во исто време е зголемена и онака добрата густина и прецизност на стрелбата“, додаде експертот.

Што се однесува до ергономијата и надворешниот изглед, тоа не е променето, автоматот и понатаму личи на Колт. Со самото тоа немаше ни потреба да се трошат неколку месеци на преквалификација на персоналот во поглед на ракување со оружјето.

„Од 2004 година автоматот H&K416 се произведува во серии за американските „Морнарички фоки“ и „Делта форс“. Рекламиран е многу пати на телевизија, вклучително и на тв-каналот „Дискавери“, но сепак не ги замени целосно моделите М4 и М16 во арсеналот на американската армија. Причината е едноставна - високата цена“, изјави за Russia Beyond Вадим Козјулин, професор на Академијата за воени науки.

Според него, H&K416 само на цивилниот пазар е петпати поскап од „Калашников“, а кога треба да се купи доволен број автомати за армија со неколку милиони војници, тогаш тоа е голем проблем.

„Затоа овој автомат го користат само елитните единици. Од него беше убиен и Осама бин Ладен, најопасниот терорист на 21 век. А го купуваат и цивили кои можат да си дозволат толку скапа и квалитетна играчка“, додава аналитичарот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња