АРСЕНАЛ: Што ќе ѝ донесе на руската армија воведувањето на перспективната ракета позната како ЛМУР?

Ми-28Н

Ми-28Н

MOD Russia/via Globallookpress.com
Министерството за одбрана сериозно ја разгледува опцијата со новите наведувачки ракети ЛМРУ (кратенка од „легкая многоцелевая управляемая ракета“ или мак. „лесна повеќенаменска наведувачка ракета“) освен ударните хеликоптери да ги вооружи и борбените авиони (тактичките бомбардери). Оваа ракета исто така се разгледува и како опција за опремување на ударно-извидувачките беспилотни летала кои се наоѓаат на крајот од својот развоен циклус.

Малогабаритната ракета тешка стотина килограми со мошне силна боева глава се одликува со висока прецизност на максимален дострел од 15 километри. Според мислењето на воените експерти, благодарение на своите димензии ракетата ЛМУР има големи шанси со неа освен ударните хеликоптери Ми-28Н и Ка-52 да се вооружат и тактички бомбардери и ударните беспилотни летала од типот „Орион“.

Лесна повеќенаменска наведувачка ракета

Ракетата ЛМУР «305Э»

Кога се зборува за опремување на офанзивната авијација како што се јуришните бомбардери Су-25 со своите модификации, еден од сериозните претенденти за обновување на сега веќе застарениот смртоносен арсенал кај авионите од овој тип е и високопрецизниот проектил кој во развојната фаза беше познат како проект „изделие 305“, а во последно време како ЛМУР (легкая многоцелевая управляемая ракета).

Според извори до кои има дојдено весникот „Известија“ ракетата ЛМУР на тестирањата демонстрирала високи борбени квалитети и можност за широка примена – универзалност. Како резултат на овие успешни тестови со оваа ракета се планира опремување на неколку видови руски хеликоптери. Неа во своето вооружување ќе ја усвојат стандардните ударни хеликоптери (Ми-28Н, Ка-52), но и специјалните варијанти на воено-транспортните летала кои благодарение на напредните пакети за модернизација беа претворени во борбено-транспортни хеликоптери што ги користат Силите за специјални операции на СССО како што се Ми-8АМТШ-ВН „Сапсан“.

Стандардните ракети кои се наменети за опремување на борбените верзии на хеликоптерите изискуваа постојан визуелен контакт меѓу леталата и целта која се гаѓа. Со воведувањето на ракетата ЛМУР ова повеќе нема да биде едно од главните барања. Имено, пилотите на хеликоптерите ќе можат да уништат цел која се наоѓа надвор од нивниот видокруг. Во првата фаза на летот на ракетата таа се управува инерцијално (во боевата глава е вграден високопрецизен навигациски систем кој е поврзан со сателитската мрежа ГЛОНАСС). Кога ракетата ќе дојде во зоната во која се наоѓа претпоставената цел, односно кога ќе влезе во терминалната фаза на летот, се активира оптоелектронската самонаведувачка боева глава. Благодарение на висококвалитетната камера и на блокот компјутерска опрема ракетата може самостојно да ја опфати својата цел и да се насочи кон неа, а може да се наведува и преку канал кој е поврзан со операторот на платформата од каде истата е лансирана. Силата на боевата глава е импозантна и се спакувана во оддел со тежина од 25 килограми. Овој простор за сместување на боевата глава е доволен за со ЛМУР да се уништи практично секој вид борбена техника кој се наоѓа во копнената војска.

„Кај варијантата која е прикажана на Меѓународниот воено-технички саем 'Армија-2021' ефективниот дострел изнесува 14.5 километри“, изјави за руските информативни портали воениот експерт Алексеј Леонков. „Ракетата е наменета за високопрецизно уништување на различни земски цели, вклучувајќи и оклопна борбена техника. Нејзиниот клучнен елемент е термовизиска самонаведувачка боева глава која ја зафаќа својата цел, и го погодува со исклучително голема прецизност“, вели рускиот експерт.

Се претпоставува дека ракетите од класата „воздух-земја“ ЛМУР ќе бидат во вооружувањето на стандардните офанзивни хеликоптери на Армиската авијација како што се Ми-28Н и Ка-52 (со своите модификации секако). Според рускиот експерт нејзините димензии како и тежината ветуваат дека овој вид вооружување ќе може да се најде и на борбено-извидувачката варијанта на беспилотното летало „Орион“.

Тестирање на ракетата во Сирија

За борбеното тестирање на новите подобрени ракети за потребите на опремувањето на офанзивните хеликоптери започна да се зборува уште во 2019 година. Кога станува збор конкретно за новата ракета, попозната тогаш како „изделие 305“, таа наводно во Сирија имала борбено лансирање од платформата на модернизираниот „летачки тенк“ Ми-28НМ. Притоа нејзината примена е оценета како успешна. Значи, извесно е дека околу 90 модернизирани летала од овој тип во своето вооружување ќе ги имаат и ракетите ЛМУР со дострел од 15 километри.

Со цел интеграција на оваа ракета со своите основни борбени платформи, на хеликоптерите ќе биде вграден специјален лансирен уред компатибилен со ЛМУР, со електронски блок опрема и команда со радиолиниска врска за управување со ракетата во текот на нејзиниот лет. Кога станува збор за самата програма за развој на оваа ракета за борбено-извидувачките хеликоптери Ка-52М, нејзиниот рој е ограничен на 2022 година, и во овој момент ЛМУР интензивно се тестира и на оваа платформа.

Интеграцијата на ракетата ЛМУР со авиони подразбира слична постапка на модификација. Рускиот офанзивен бомбардер Су-25 во Сирија за време на нападите на позициите на терористите главно користеше ненаведувачко ракетно вооружување, како и гравитациски воздухопловни бомби. Нивната тактика на напад се состоеше од тоа што леталата доаѓаа во однапред определена точка која ја одредуваше сателитската навигација, и на висина од 4-5 километри дејствуваше врз непријателот. Секое спуштање под оваа висина ја зголемуваше опасноста од соборување зашто терористите во своето вооружување имаа и лесни преносни ракетни системи за ПВО, и секако големи количества на ПА топови од различни калибри.

„Квалитетните ракети се сè уште на цена. ЛМУР или 'изделие 305' со ефективен дострел од 15 километри е како создадена за ударни летала на бојното поле“, изјави за „Известија“ Херојот на Русија и поранешен командант на 4 воздухопловна армија на ВВ и ПВО генерал-лајтнант Валериј Гарбенко. „Една од нејзините клучни предности е тоа што таа самостојно ја наведува целта. Значи, откако посадата во хеликоптерот ќе ја открие и ќе ја „фати“ својата цел, треба само да го притисне тастерот за лансирање на ракетата. Таа и понатаму продолжува да се движи во целосно автономен режим на работа, овозможувајќи принцип на дејствување „испукај и заборави“. По лансирањето на ракетата хеликоптерот или авионот можат да се движат и во друг маневар (да се одвојат од целта), односно пилотите можат да преминат на реализација на следната задача, односно не ги интересира што се случува со испуканата ракета. Ова е навистина голем квалитет за време на примената на офанзивното вооружување со хеликоптер или со борбен авион во борбените мисии“, истакнува поранешниот командант на 4 воздухопловна армија.

ЛМУР е доволно ефикасна ракета, зашто што пред сè по своите габарити во однос на декласираниот дострел спаѓа во категоријата лесни ракети. Нејзината употреба на офанзивните бомбардери Су-25 ќе ја подобри номенклатурата на неговото офанзивно вооружување кое инаку не се потпираше многу на самонаведувачките борбени средства, заклучува Валериј Гарбенко.

Покрај борбените авиони и хеликоптери димензиите на овие ракети овозможуваат нејзина употреба и на перспективните офанзивни беспилотни летала Орион, Сириус и Алтиус.

Дејствување надвор од зоната на ПВО

Неопходноста од зголемување на ефективниот дострел на оружјето на руските борбени хеликоптери е една од главните задачи кои ги донесе операцијата во Сирија. Основните типови наведувачки противтенковски ракети, со кои руската армија сега веќе дамнешната 2015 година влезе во борбените операции на тлото на оваа земја, можеа да го погодат непријателот на оддалеченост од 5-6 километри и имаа релативно лесна боева глава.

Во Сирија во реални борбени услови за првпат е испробана новата противтенковска наведувачка ракета „Вихор-1“. Оваа ракета се разликува од своите претходници според два важни аспекти: брзина на летот на проектилот и ефективниот дострел. Министерството за одбрана објави видеоматеријали на кои може да се види дека со помош на оваа ракета без оглед на времето на нејзината примена (дење/ноќе), можат да се уништат подвижни и неподвижни земски цели на далечина и до 8 километри. На овој начин на офанзивните хеликоптери им е унапредена тактичката способност без влегување во зона на дејствување на лесните преносни ракетни системи за ПВО, ПА топови и тешки митралези, да дејствуваат по непријателот со оружје со голема прецизност и на тој начин значително да ја намалат можноста за соборување од земја.

Со понатамошната еволуција на ракетата нејзиниот ефикасен дострел е зголемен на 10 километри. На почетокот на април оваа година рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на руските конструкторите кои работат на оваа ракета им наложи да го зголемат ефективниот дострел на оружјето за уште 20% (12 километри). Ракетите „Вихор“ во овој момент се тестираат на борбено-извидувачките беспилотни летала од средна класа „Орион“. Ова беспилотно летало на својот носач под крилото може да има по две вакви ракети.

Покрај ракетата „Вихор-1“ руските конструктори работат на понатамошна модификација и на наведувачката ракета „Хризантема-ВМ“ кај која се планира зголемување на дострелот на 10 километри. Овие ракети се тестираат на модернизираната верзија на офанзивниот хеликоптер Ми-28НМ.

Во споредба со оваа муниција која е главно вооружена со тандем-кумулативни боеви глави (борба против современите основни борбени тенкови и слично), кај ракетите ЛМУР е присутна разорно-шрапнелна боева глава со зголемена ефикасност. Ова ја одредува и генералната намена, а тоа е борба против непријателската жива сила која во концентрација се наоѓа на отворен простор, или во леснооклопени борбени средства.

Покрај ракетата ЛМУР на Меѓународниот воено-технички саем „Армија-2021“ претставена е и новата генерација лесна високопрецизна муниција која е главно наменета за опремување на офанзивни беспилотни летала кои во следниот период ќе бидат еден од приоритетите на руската воена индустрија. Една од нив е 100 килограми тешката наведувачка ракета и планирачка бомба со голем дострел Х-50.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња