По повеќе од 10 пробни лансирања завршени летечко-конструкторските тестирања на ракетата „Циркон“

Ильдус Гилязутдинов/Sputnik
Руската воена индустрија успешно ја завршува програмата за летечко-конструкторски тестирања на хиперсоничната ракета од класата ракета брод-брод / брод-земја „Циркон“. Главната платформа користена во овие тестирања беше ракетната фрегата од проектот 22350 „Адмирал Горшков“. Ракетата ги потврди своите високи тактичко-технички параметри и е подготвена наскоро да влезе во сериско производство.

Летечко-конструкторските тестирања на новата хиперсонична ракета „Циркон“ реализирани површински од воен брод – ракетната фрегата од составот на Северната флота „Адмирал на флота на Советскиот Сојуз Горшков“ успешно се завршени. Ова за веб-порталот ТАСС го изјави извор близок до руското Министерство за одбрана.

„Летечко-конструкторските тестирања на „Циркон“ од главната фрегата на проектот 22350 „Адмирал Горшков“ се успешно завршени. За тоа време извршивме повеќе од 10 лансирања, од кои последното беше во јули“, рече неименуваниот извор.

Според него, следното тестирање на ракетата „Циркон“ е планирано да се изврши на почетокот на ноември, а може да се продолжи и во 2022 година, по што се планира нејзино воведување во стандардното ударно оружје на руската Воена морнарица. Од корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“, која ја разви и произведе оваа ракета, не сакаа да ги коментираат овие наводи.

Новата хиперсонична ракета „Циркон“ ќе лета побрзо од 9 маха и ќе може да напаѓа цели на далечини и до 1000 километри. Се претпоставува дека со овој тип ракета ќе бидат вооружени површинските воени бродови и подморниците, како перспективните, така и оние кои веќе се наоѓаат во оперативна функција. Треба да се напомне и дека рускиот претседател кон крајот на минатата година првпат ја спомена можноста за развој и на копнена верзија на хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“. Според различни информации, должината на ракетата ќе изнесува 8-10 метри, додека тежината на боевата глава ќе достигнува 400 кг.

Што се однесува до практичните тестирања на перспективната хиперсонична ракета со голем дострел „Циркон“, тие беа реализирани од руското Министерство за одбрана од ракетната фрегата од проектот 22350 „Адмирал Горшков“. Во 2020 година беа изведени три пробни лансирања на оваа ракета, кои успешно погодија две површински цели на вода и една копнена цел (воен полигон).

Што се однесува до самата платформа (фрегатата „Адмирал Горшков“) нејзината должина изнесува 135 метри, широчината 16 метри, а газот 4,5 метри. Вкупниот депласман на фрегатата изнесува 5400 тони. Погонската сила што ја генерираат турбините може да достигне 5000 коњски сили и тие му овозможуваат на бродот без дополнително полнење гориво да помине 4500 наутички милји (секако ова се однесува на економичната маршевска брзина на пловење). Максималната брзина на бродот при форсажна работа на моторот достигнува 34 јазли (околу 65 км/час).

Првиот брод од оваа класа „Адмирал Горшков“ во своето вооружување ќе има 16 суперсонични противбродски ракети „Оникс“ (може да се применат и конфигурации кои ќе бидат составени од шемата 8+8, односно 8 ракети „Оникс“ + 8 ракети КР „Калибар“). Меѓутоа, оваа платформа во блиска перспектива може да стане носител на хиперсонично ракетно вооружување кое ќе биде направено врз база на ракетата „Циркон“, што претставува нерешлив проблем за американската морнарица без оглед на видот и на специфичноста на бродот. Противвоздушната одбрана на фрегатата „Адмирал Горшков“ ќе биде составена од интеграција на поморскиот ракетен систем за ПВО „Полимент Редут“ кој во борбени вертикални лансери ќе има дури 128 ракети од различен вид и дострел. Фрегатата ќе има ефикасно оружје и за фронт кој се наоѓа под површината на водата. Противподморничкиот ракетен комплекс „Медведка-2“ како и специјалната противподморничка верзија на ракетата „Калибар“ ќе биде главниот адут на бродот против непријателските подморници.

Кога станува збор за програмата за тестирање за тековната година, извори од рускиот воено-индустриски комплекс наведуваат дека се планирани да се реализираат во летниот и есенскиот период. Ова ќе биде направено како дел од завршната државна програма за тестирање, по што перспективниот систем ќе биде усвоен во вооружувањето на руската армија и ќе започне неговото сериско производство. Според министерот за одбрана и генерал на армија Сергеј Шојгу, планот е да се заврши целата работа до крајот на оваа година. И претседателот на РФ Владимир Путин рече дека „Цирконите“ ќе влезат во арсеналот на руската армија во близок временски период.

Се проценува дека со овие ракети првично ќе бидат вооружени тешкиот нуклеарен ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“, кој во моментов е во фаза на модернизација, нуклеарната подморница „Иркутск“, која се модернизира на стандардот 949 АМ (еволуција на основниот проект 949А „Антеј“), ракетните фрегати од проектот 22350 и новите повеќенаменски нуклеарни подморници од проектот 885М „Јасен-М“.

 

 

 

 

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња