Како што соопштува „Коммерсант“, повикувајќи се на заменик-раководителот на Одделот за транспорт на Москва Андреј Корнеев, првиот таков уред е инсталиран во московскиот реон „Чистие пруди“. Опремен е со четири микрофони насочени кон патиштата, како и со камери што ги снимаат прекршителите на фотографија и видео. Инсталирани се и инфрацрвени сензори за ноќна работа. По тестирањето, се планирано да се инсталираат такви камери во реони од чии жители пристигнуваат многу поплаки за сообраќајна бучава.
Казнениот налог, кој со помош на камерите ќе го издава Московскиот административен патен инспекторат, ќе вклучува панорамски фотографии од траекторијата на автомобилот или мотоциклот, видеозаписи и податоци за нивото на бучава, фиксирано на 5 до 7 точки на патот, пишува motor.ru.
Казните за намерно нарушување на тишината се предвидува да бидат најмалку 5000 рубли (речиси 60 евра) - тоа е 10 пати повеќе од многуте тековни казни. Притоа се предлага да се зголемуваат прогресивно, во зависност од моќноста на моторот: почнувајќи од 200 КС, на секои 10 КС ќе се додаваат 250 рубли (околу 3 евра). Така, за сопствениците на многу бучни автомобили од 400 КС, казната ќе изнесува 10000 рубли (118 евра). Во некои случаи, властите дури дозволуваат конфискација на превозното средство.
Соодветните нацрт-амандмани на Кодексот за административни прекршоци на Руската Федерација и Законот за почитување на мирот и тишината на граѓаните се предложени од градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, а веќе се поддржани од Московското градско собрание. Сепак, пред да бидат ставени во функција не е доволно камерите просто да бидат тестирани: тие треба да поминат сертификација, за што е неопходно законодавството да ги дефинира праговите на бучава во децибели. До денес, постои ГОСТ (државен стандард – заб. на уред.) за мерење на бучавата на превозните средства за време на сертифицирањето, но тој не е соодветен за патиштата, бидејќи се однесува на лабораториски мерења.