Ударниот дрон „Орион“ уништи тенк од висина од 4000 метри со обична гравитациска бомба?

Рособоронeкспорт
Руските ударни беспилотни летала во текот на тестирањата ги потврдија своите способности за ефикасно дејство од големи висини по копнени цели со ненаведувани убојни средства со помош на новиот нишански систем.

Ова за РИА „Новости“ го соопшти извор од одбранбено-индустрискиот комплекс.

„Руско ударно беспилотно летало „Орион“ во рамките на неодамнешните борбени тестирања успеа со прецизен удар да погоди мета со големина на тенк со гравитациска бомба тешка 100 кг од висина од 4 илјади метри. Ваквиот резултат е во ранг на употреба на високопрецизна воздухопловна бомба и е реализиран со помош на нов нишанско-навигациски комплекс“, изјави соговорникот на агенцијата.

Изворот додаде дека новиот нишанско-навигациски комплекс, создаден специјално за „Орион“, овозможува максимално отстапување од 10 метри од целта за ненаведувани бомби, фрлени од висина од неколку километри.

Нова концепција на примена на дронови

Како што за РИА „Новости“ објасни водечкиот експерт во сферата на беспилотните летала Денис Федутинов, нишанско-навигациските комплекси, наменети за ефикасна примена на ненаведувана муниција, порано беа монтирани на авиони со посада. Се работи за монтираните на Су-24М системи „Хефест“ кои ја докажаа својата ефикасност во Сирија.

„Сега имаме сличен пристап во однос на беспилотните авијациски системи. Тој може суштински да ги намали трошоците за нанесување удар врз копнени цели со зачувување на високите показатели за прецизност“, забележува експертот.

Стручњакот додава дека типичниот за денешно време пристап во светот е опремување на беспилотните летала само со наведувани високопрецизни убојни средства, но и дека производството на таквото вооружување е многу скапо, што е лимитирачки фактор за негова поширока употреба.

„Од друга страна, ненаведуваното вооружување е многу поевтино. Покрај тоа, бидејќи ваквиот тип вооружување се наоѓа во стандардниот арсенал на класичната авијација со екипаж, тоа се произведува во многу поголеми серии, што го прави значително подостапно за набавка.  Употребата на ваквиот пристап кога се во прашање можностите на ударните беспилотни летала може да ја зголеми флексибилноста при нивната борбена употреба во рамките на руската армија, и згора на тоа, да обезбеди сериозни компаративни предности кога се во прашање руските беспилотни летала на глобалниот пазар на оружје“, додава Федутинов.

„Орион“ припаѓа на класата на беспилотни летала со долг дострел на средна висина. Максималната полетна маса му е 1150 кг, брзината на крстарење - 200 км/ч, максималната висина на летот - 7 км, и може да остане во воздух до еден ден. Неговата носивост е до 200 килограми.

Покрај ненаведувани бомби, „Орион“ може да носи наведувани бомби и наведувани ракети, конкретно модернизираните ракети „Виор-М“.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња