Две снајперски пушки што го има обезбедувањето на Путин

Наука и технологија
НИКОЛАЈ ЛИТОВКИН
Ова скапоцено оружје стана нераскинлив дел од тајните операции ширум светот, но тоа служи и за заштита на високи официјални лица и државници, вклучувајќи го и претседателот на Русија Владимир Путин.

Рускиот Спецназ кој го обезбедува претседателот на РФ има апсолутен пристап на најновото и најнапредно оружје на пазарот за вооружување.

Ова се двете снајперски пушки со кои оперативците од обезбедувањето на Путин се забележани на фотографии за време на јавни настани. Ги замоливме поранешните снајперисти од вооружените структури кои своевремено беа ангажирани во Москва на слични јавни настани да го споделат со нас своето искуство од работењето со овие пушки и да ни објаснат зошто меѓу многубројните снајперски пушки токму ова оружје е избрано за обезбедување на високите функционери.

ORSIS T-5000

Снајперската пушка ORSIS T-5000 е направена во 2011 година во претпријатието „ОРСИС“ за воена и полициска намена. Беше претставена како едно од најпрецизните оружја на пазарот кое 3 куршуми со калибар .308 Win од 100 метри расфрла на 1.5 сантиметри.

Вооружените структури брзо купија извесно количество пушки Т-5000 за своите снајперисти штом тие се појавија на пазарот, а една година подоцна елитните единици „Алва“ на ФСБ со овие пушки победија на меѓународен натпревар.

„Излезе дека овие пушки се попрецизни од австриските SSG 08 на компанијата Steyr-Mannlicher кои претходно ги имаше купено рускиот Спецназ. Многумина не знаат дека во текот на деведесеттите години од минатиот и во првата деценија од овој век во Русија немаше квалитетни снајперски пушки, па воената команда беше принудена да ги купува во странство“, вели за Russia Beyond поранешниот снајперист на ФСБ Иван Алексеев.

Според него „ОРСИС“ беше една од првите компании кои се појавија на рускиот пазар за оружје кон крајот на првата декада од овој век кога цените на нафтата нагло скокнаа, па влијателните луѓе со пари сфатија дека тоа е поволен момент за инвестирање во приватно производство на оружје и во создавање пушки кои би можеле да бидат конкуренција на снајперското оружје од странско производство.

„На луѓето во воениот врв не им се допадна тоа што за своите единици мораа да купуваат странски пушки и муниција за да можат да ги бранат високите официјални лица“.

Т-5000 е визит-карта на компанијата „ОРСИС“. Оваа пушка се прослави и дури беше на еден чекор од одлуката да биде прифатена во армијата наместо СВД која веќе го имаше отслужено своето. Меѓутоа, бирократијата, лобирањата и конфликтите на интереси зад затворена врата го оневозможија ваквиот развој на настаните, така што сè уште е отворен договорот за конструирање руска снајперска пушка од „ново поколение“ за армијата, како и негова интеграција во борбената опрема „Ратник-2“.

Т-5000 се продава во целиот свет и може да се најде кај аматери, а исто така понекогаш го има и во рацете на специјалните единици ширум светот, главно на Блискиот Исток и во Југоисточна Азија каде бизнисот на руските фирми за вооружување е добро вкоренет.

Неколку зборови за Т-5000. Тој се полни рачно, има затворач на лизгање и два предни заба за закочување. Направена е од алуминиумска легура со зглобови што се склопуваат, направени од прекален нерѓосувачки челик и дизајнирана е да остане цела и да функционира дури и со калибри кои можат најмногу да ја оштетат пушката за време на мрдањето.

„Ова оружје има прилично мало и благо мрдање во споредба со советските снајперски пушки СВД од претходната епоха. Од недостатоците би споменал неколку делови од полимер. Според мене механизмот за испукување би можел да биде помек“, истакна Алексеев.

СВ-98

СВ-98 е една од првите снајперски пушки кои беа направени по распадот на Советскиот Сојуз. Конструирана е во една од филијалите на концернот „Калашников“ и веднаш беше прифатена во руските специјални единици зашто за операциите им беше крајно потребна современа снајперка. Ја користеа и службите за обезбедување на високи функционери.

Како и сите останати руски снајперски пушки, СВ-98 беше промовирана со намера да ја замени снајперската пушка СВД. Меѓутоа, тоа не се случи, но потоа ја купија специјалните единици.

Јас лично го имам видено тие снајперски пушки на затворените натпревари на Спецназ во Чеченија, во еден од најпознатите региони на нашата земја каде во багажникот на секој автомобил може да се најде автомат.

Оваа пушка, за разлика од современото снајперско оружје, е направена со дрвен кундак кој се потопува во вода и по дожд може дури и да набабри. Најпрво се користеше муниција од времето на Руската Империја со калибар 7.62х54 милиметри која не беше погодна за прецизно гаѓање мали мети на растојание од 300 метри.

Подоцна верзиите од моделот СВ-98 добија куршуми на НАТО со калибар .308 Win и .338 LM, па така станаа попрецизни.

И покрај сето тоа, оружјето сè уште има низа недостатоци, вели за Russia Beyond офицер на Спецназ кој сакаше да остане анонимен.

„Најважно кај снајперската пушка се цевката и муницијата. Творците на ова оружје го исправија проблемот со муницијата, но цевката и понатаму е проблематична. Внатрешните жлебови на цевката (кои се одговорни за балистиката на куршумот) понекогаш се правилно формирани, а понекогаш инженерите не посветуваат доволно внимание на својата работа. Тоа значи дека купувате мачка во вреќа“, вели споменатиот офицер.

Нему не му се доаѓа ни чкрапалото. Тој вели дека чкрапалото е грубо како кај советската пушка СВД и дека не е погодно за специјални операции.

„Можеби е доволно добар за армијата, но ако единицата има пари, тогаш командата со своите снајперисти купува други пушки“, истакнува тој.

Тој воедно истакна дека СВ-98 може да се окарактеризира како оружје за стрелци кои допрва ја започнуваат својата снајперска кариера.

„Ова оружје со текот на времето еволуираше и стана подобро во споредба со верзиите од крајот на деведесеттите години од минатиот век. Сепак инженерите му додадоа прилагодлива алуминиумска рамка. Така таа стана попрецизна, но сепак на пазарот сè уште има подобри пушки“, додава тој.

Покрај сите недостатоци кои беа споменати во изјавата на корисникот на оваа пушка која тој подоцна ја заменил со понапредна снајперка, СВ-998 има своја намена и целосно одговара за почетници. Русија во своите арсенали има десетици илјади пушки СВ-98. Нив ги користи секој стрелец кога вежба гаѓање цели на растојание поголемо од еден километар.

Тој така го усовршува своето разбирање за балистиката на куршумот и пресметувањето на влијанието на куршумот на прецизноста. Дури подоцна, кога ќе стекне рутина, преминува на посовршени снајперски пушки направени во Русија или во странство.