„Успешното додавање на повеќенаменскиот лабораториски модул ќе придонесе за продолжување на нашата соработка со Русите. Возбуден сум поради она што ни го ветува иднината: „Наука“ и европскиот робот-манипулатор ќе помогнат да се направат уште повеќе откритија, вредни како за животот на Земјата, така и во однос на нашето напредување во вселената и на Марс“, рече Нелсон во вторникот, 3 август.
Според него, минатата недела вселенските агенции на двете земји мораа да преживеат „малку непланирана возбуда“, кога се случи инцидент, поврзан со „Наука“.
Во директна интеракција едни со други, руските и американските специјалисти успеаја веднаш да ја вратат ориентацијата на МВС и да ја осигураат безбедноста на екипажот, рече Нелсон, пренесува „Известија“.
Претходно, на 29 јули, модулот „Наука“, наменет за спроведување на руската програма за научни и применети истражувања и експерименти, се спои со МВС.
Рускиот космонаут Олег Новицки на МВС им соопшти на специјалистите од Центарот за контрола на летањето во Москва за непланирано вклучување на моторите на модулот. Подоцна космонаутите успеаја да ги исклучат.
Според раководителот на летот на рускиот сегмент на МВС Владимир Соловјов, ненадејното вклучување на моторите на модулот „Наука“ се случило поради краткорочен дефект на софтверот. Ситуацијата беше доволно брзо надмината со помош на моторите на модулот „Ѕвезда“, додаде тој.
На 1 август раководителот на летот на американскиот сегмент на МВС Зебулон Сковил изјави дека МВС направила речиси половина свртување за време на тој инцидент. Според проценките на НАСА, поради неочекуваното вклучување на моторите на модулот „Наука“, МВС се свртела за 45 степени.
Првично лансирањето на модулот „Наука“ беше планирано во 2007 година, но многу пати беше поместувано поради недостаток на средства за негова изградба или од други причини.
Модулот е наменет за спроведување на руската програма за научни и применети истражувања и експерименти. Во април, од „Роскосмос“ изјавија дека благодарение на модулот „Наука“ ќе биде можно да се вршат експерименти во отворена вселена, без излегување од станицата, а ќе се појави и дополнителна кабина за космонаут.