Како Русија го доби меѓународниот повикувачки број 007

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Ако некогаш сте имале можност да „свртите“ руски број, можеби сте се запрашале зошто на Русија ѝ е доделен бројот на Џејмс Бонд.

Меѓународниот повикувачки број, како и многу нешта во современа Русија, е наследен од Советскиот Сојуз.

Меѓународната унија за телекомуникации (ITU), која припаѓа на ООН, во 1960 година создаде мрежа на телефонски кодови. Бројот 1 им беше доделен на САД и Канада, бројот 2 на Африка, 3 и 4 на Европа итн. Советскиот Сојуз беше единствената земја која доби свој ексклузивен број и тоа беше седмица.

По распадот на Советскиот Сојуз, Русија „наследи“ многу работи (па и многу проблеми) од СССР. Токму Русија во текот на 1990-тите го задржа телефонскиот код, иако го сподели со Казахстан, кој исто така е поранешна советска република. Другите држави, настанати со распадот на СССР, го добија европскиот број 3 или централноазискиот број 9.

Подоцна, на рускиот број 7 му се придружија и делумно признатите држави Абхазија и Јужна Осетија (претходно тие го користеа грузискиот број 9).

Ако сакате да телефонирате некому во Русија, најпрвин треба да внесете 007 (или +7, но ITU препорачува да се користи 00), а потоа бројот на мобилниот телефон. Ако ѕвоните на фиксен телефон, тогаш внесете 007, потоа повикувачкиот број на конкретниот регион на Русија (на пример, 495, 498 или 499 за Москва) и дури потоа внесете го бројот на телефонот.

Сè на сè, бројот ќе изгледа вака: +7 ABC xxx-xx-xx, каде ABC е повикувачкиот број на регионот. (На сајтот на ITU  се достапни сите броеви, како и детален опис на процесот на телефонскиот повик).

Интересно е што во границите на Русија се користи префиксот 8, и тоа без 00 или + на почетокот. По осмицата исто така следува повикувачкиот број за регионот и конкретниот телефонски број.

Во Советскиот Сојуз, повикувачкиот број 07 се користеше како кратка варијанта за нарачување меѓународен телефонски повик. Операторот одговараше на тој број и потоа го проследуваше повикот. Поетот и кантавтор Владимир Висоцки дури напиша и песна наречена „07“. Во своите чести патувања по Русија, тој се обидуваше да телефонира дома во Москва од најоддалечените региони, така што секој ден повикуваше 07 и разговараше со операторите во телефонската централа.

Дали некогаш сте имале проблеми да телефонирате во Русија? Споделете го со нас вашето искуство во коментарите под текстот.