Објавена видеоснимка од слетување на бомбардери Ту-22М3 на аеродромот во руската воена база Хмејмим

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Министерството за одбрана на РФ објави видеоснимка од слетување во воздухопловната база Хмејмим во Сирија на три стратешки бомбардери-ракетоносци Ту-22М3 на Воздушно-космичките сили на Русија.

Авионите со броевите 15, 28 и 50 реализираа лет од руската воена база и успешно се приземјија на модернизираниот воен аеродром Хмејмим. Во воздухопловната база е реконструирана втората писта со нов површински слој, инсталирани светлосна сигнализација и радиотехничка опрема. Исто така, пистата е продолжена, така што сега сите видови авиони од вооружувањето на Воздушно-космичките сили на Русија ќе можат да ја користат, нагласува рускиот воен ресор.

Ту-22М3 првпат слетуваат во базата Хмејмим. Екипажите на воздухопловите ќе вежбаат задачи над акваторијата на Средоземното море. По исполнувањето на предвидениот план авионите ќе се вратат во Русија. Претходно ракетоносците Ту-22М3 беа вклучени во напади врз објектите на меѓународните терористи во Сирија. Со таа цел реализираа меѓународни летови на голема оддалеченост.

Распоредувањето на бомбардерите во Сирија ја јакне позицијата на Русија во Средоземното море, пишува The Drive. Тоа, исто така, ќе овозможи комплетно тестирање на модернизираната верзија на Ту-22М3 во борбени услови.