Тврдината Калининград: руската армија забрзано формира моќна дивизија за одбрана на важните енклави

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Станува збор за здружен тактички состав со јачина од 15 илјади луѓе, кои во полн капацитет ќе биде оспособен за изведување на самостојни борбени дејствија. Дивизијата е формирана на база на 79 механизирана бригада која во меѓувреме е преформирана во полк. Овој полк заедно со уште три новоформирани полка ќе влезе во состав на 18 гардиска механизирана дивизија (скратено на руски МСД) чие целосно комплетирање се очекува до крајот на есента следната година.

Во воена смисла најслабата точка на Русија се наоѓа во Калининградската област, енклава која е одвоена од копнениот дел на земјата, пишува сајтот Борбени ефективи. Таа се граничи со Полска и со Литванија, и одамна се наоѓа на нишан на стратезите на НАТО. Калининград кој до јули 1946 година се нарекувал Кенигсберг,  а со одлуките на Јалта и на Постдамската конференција му припаднал на СССР. Самата енклава во стратешка смисла претставува исклучително важно парче земја, кое практично претставува претстража на Русија на Балканот. Сходно на тоа на овој дел му е потребна и адекватна заштита.

Во овој момент руската оперативна група на здружени сили која се наоѓа во Калининградската област значително се зајакнува. Овој факт пред сè се однесува на формирањето на 18 гардиска механизирана дивизија (скратено на руски МСД) чие целосно комплетирање се очекува до крајот на есента следната година. За потребата за зајакнување на Калининградската енклава со состав еквивалентен на механизираната дивизија во Министерството за одбрана на РФ говореа уште во 2019 година. Меѓутоа поради зајакнатите активности на НАТО-силите кои во сè поголема концентрација се наоѓаат на западните руски граници, донесена е одлука целиот овој процес да биде забрзан. А, формацијата на рангот на дивизија не е нешто што се формира секој ден. Таа претставува највисок здружен тактички состав кој во целосен капацитет е оспособен за изведување самостојни борбени дејствија.

Новата дивизија во Калининградската област која ќе стане дел од 11 армиски корпус, не се појави туку-така. Таа е формирана врз база на 79 механизирана бригада (денес претставува полк со дополнителни единици за поддршка). Во нејзиниот состав ќе влезат новоформираниот 275 и 280 механизиран полк, како и 11 тенковски полк. Нејзиното формирање сè уште е во тек, меѓутоа во март оваа година, заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација генерал-полковникот Андреј Картаполов, му го предаде на командантот на дивизијата нејзиното формациско воено знаме. Значи, веќе сега може да се каже дека станува збор за практично оперативен борбен состав на руските вооружени сили, кој повеќе не се наоѓа само на хартија,. Основните задачи на дивизијата е по потреба да ја разбие непријателската одбрана, или во организација на одбранбените дејствија ефикасно да го запре или да го скрши нападот на бројни непријателски сили.

Разликата помеѓу бригада и дивизија не е само во бројот на офицери и на војници кои ги сочинуваат овие состави. Сепак, треба да се спомене дека една механизирана дивизија во овој состав има од 13 до 15 илјади луѓе кои се распоредени во 6 полкови (три механизирани, еден тенковски, еден артилериски и еден противвоздушен). Тука се наоѓаат и дополнителни единици за поддршка како што се противтенковски дивизион, извидувачко-диверзантски баталјон, баталјон за врски, инженерска чета, чета за материјално-техничко обезбедување, медицинска чета, ремонтоно-евакуациска чета, чета АГХО, чета на беспилотни летала, чета за противелектронска борба и командна чета. Тоа е всушност миниармија, која може целосно самостојно да ги изведува сите свои задачи, без допир со останатите единици на руската армија. Накусо, присуството на ваквата формација за разлика од покомпактните и помобилните состави од рангот на бригада, укажува на подготвеноста на руската војска на овој простор да учествува во далеку посериозни борбени операции.

Се прашуваме зошто сега се формира дивизија кога на овој простор веќе постои бригада/полк? Зарем не е најважно војниците да се добро оспособени и да пукаат прецизно, тенковите да се движат брзо, а офицерите вешто да командуваат со единиците на теренот. За мирнодопско време кога не се заканува никаква опасност од заострување на ситуацијата, бригадата претставува доволна формација. Но, дали е така и во воен судир: Во таква ситуација употребата на силите од рангот на дивизија е од најголема важност. На овој простор основните стратешки правци за потенцијална копнена офанзива на НАТО минуваат низ Полска и низ балтичките држави, а во денешната констелација на силите, и низ Украина.

Да претпоставиме ситуација дека нападот започнува од делот на Донбас кој денес се наоѓа под контрола на Киев и дека неговиот вектор е насочен кон басенот на Ростов на Дон., и понатаму кон Северен Кавказ. На овие сили ќе се спротивстави 152 механизирана дивизија на руската армија која ги поседува сите ресурси (човечки и материјално-технички) да го запре брзиот продор на непријателските сили до доаѓањето на интервентните единици на Јужниот воен округ. На ист начин, 3 механизирана дивизија која со својот штаб се наоѓа во градот Валујки ќе запре евентуална офанзива на непријателот на Воронеж, и ќе го обезбеди неопходното време за главните сили на Западниот воен округ да се вклучат во борбата. Во ваквите потенцијални проекции на идните воени операции, посебна улога ѝ е доделена на новоформираната 18 гардиска механизирана дивизија која се наоѓа во Калининградската област, каде потенцијалот од агресија од страна на НАТО е најголем.

Не е случајно тоа што регионот на Калининград во последно време не се испушта во разработката на сите видови планови и сценарија кога станува збор за избивањето непријателство во Европа. Оваа руска енклава на брегот на Балтичко море е своевидна коска во грлото на НАТО, кој со своите членки граничи со оваа истурена руска територија. За Варшава и за Вилнус Русија е извор на перманентна опасност во регионот, и единствено решение кое се наметнува е ликвидација на руската енклава околу Калининград.

И покрај фактот што Москва никогаш немала изразено агресивни намери, под изговор за „опасност“ здружените сили на НАТО се собираат на нејзината западна граница. И кога концентрацијата на тенковите на американската војска на овој простор (пред сè во Полска) постигна доволно количество, се појавија оперативни планови за нивна употреба.

„Секоја приказна која вклучува митски планови за вооружен конфликт помеѓу НАТО и Русија, и за можното заземање на регионот на Калининград првенствено се насочени кон одржување на моралот на Полска и на балтичките земји“, смета политикологот Александар Зимовски. „На Варшава, на Вилнус, на Рига и на Талин на овој начин им се демонстрира подготвеност на алијансата да ги заштити од измислената агресија на Русија“; истакнува експертот.

Друга работа е тоа дали е овој план неизводлив зашто може да стане предуслов за започнување Трета светска војна. Па, дури и да претпоставиме дека ќе биде преземен некој обид за вооружена инвазија во правец на Калининград од Полска, тоа автоматски значи дека рускиот тенковски валјак ќе се тркала по целиот балтички регион и дека можеби нема да запре кога ќе се најде пред Варшава. Сите го разбираат тоа мошне добро и се внимателни кога реално зборуваат за вакво сценарио, меѓутоа целата приказна е толку многу медиумски интересна што остава голем простор за различни аналитичари и експерти кои ја толкуваат на разни начини.

Распоредот на силите во овој регион очигледно не му оди во прилог на НАТО. За изведување успешна копнена операција работите изгледаат уште полошо. Руско-полската граница во Калининградскиот регион е долга речиси 200 километри, од кои поголемиот дел од овој простор претставува сурови мочуришни и шумски подрачја. Значи, земјениот простор на кој би се изведувала потенцијалната копнена операција на НАТО е во полза на бранителот. Истовремено, Русија има разработено различни модели на итна употреба на дополнителни сили и средства, вклучувајќи и ангажирање на оклопно-механизираните единици низ таканаречениот коридор Сувалки, кој весникот „Дејли бист“ го нарече „Ахилова петица на НАТО“.

Станува збор за делот од државната граница помеѓу Литванија и Полска во должина од 65 километри. Тука овие земји се граничат со Белорусија преку која хипотетички би биле ангажирани единиците на моќниот Западен воен округ. Во случај на напад на Калининград руската армија би настојувала да го отвори овој коридор и на тој начин да ја поврзе енклавата со копнениот дел на Русија. Експертите на калифорнискиот аналитички центар РАНД направија симулација на битка во која се обидоа да укажат на определената нерамнотежа во спротивставените сили на овој сектор.

Имено, на единиците на руската армија кои би биле составени од 25 баталјонско-тактички групи со јачина од 10 илјади луѓе плус единиците на новоформираната 18 гардиска механизирана дивизија (околу 15 илјади луѓе), НАТО може да се спротивстави максимално со 17 баталјонско тактичка група со јачина од 6.800 луѓе.

Покрај тоа, руската армија во својот состав ќе има голем број оклопни борбени оружја (вклучувајќи и модерни основни борбени тенкови вооружени со топови со калибар од 125 милиметри). Овие средства мошне брзо можат да се вклучат во битка со оглед на тоа што руската армија во близина на коридорот Сувалки има силни оклопно-механизирани борбени состави. Кога станува збор за силите на НАТО, во овој сектор се наоѓаат механизирани баталјони кои во својот состав имаат оклопни транспортери Страјкет кои се вооружени со автоматски топови со калибар од 30 милиметри. Тешката борбена техника е оддалечена стотина километри и нејзината интервенција во случај на Битка за коридорот Сувалки според сè ќе биде залудна (ќе задоцни на бојното поле). Според анализата на експертите на центарот РАНД единиците на копнената војска кои би се нашле на овој простор би биле изманеврирани и уништени, со мошне мали шанси да се извлечат од под рускиот удар.