Со приемот на деветтата и десеттата подморница од класата „Бореј“, руската флота најпосле ќе ги исфрли нивните легендарни претходници – нуклеарната подморница од типот 667 БДРМ „Делфин“. Последната од нив ќе биде исфрлена од употреба до 2030 година.
„Деветтата и десеттата „Бореј“ ќе бидат ставени во употреба до 2030 година. Некаде во тој рок од составот на флотата ќе биде извадена и последната подморница од проектот 667 БДРМ“, изјави за РИА „Новости“ Владимир Поспелов, член на Военотехничкиот и Поморскиот колегиум на Руската Федерација.
Проектот 667 БДРМ „Делфин“ е најновата модификација на легендарната серија. Седум пловила од овој тип се изградени во периодот 1984-1990 година. Според информации од отворени извори, во борбениот состав на морнарицата во моментов има пет такви подморници - сите во Северната флота. Три се на борбена должност, К-117 „Брјанск“ е на ремонт, петтата е подводен крстосувач, а К-64 „Подмосковје“ е претворена во подморница за специјална намена, носач на длабоководни апарати, пишува „Росијскаја газета“.
Историјата на Проектот 667 датира од средината на 60-тите години на минатиот век, кога во составот на Воената морнарица на СССР првпат влегоа подморниците од овој тип – „Ленинец“ и К-140. Проектот се покажа како исклучително добар, со голем потенцијал за модернизација и модификации. Според развојот на ракетно-вселенската техника, подморниците добиваат ново оружје: прво тоа беа торпеда со нуклеарни боеви глави и балистички ракети Д-5, потоа Д-9, а потоа и бројот на ракети се зголеми од 12 на 16 (модификација 667БД „Мурена-М“).
Следните пловила од типот 667БДР „Калмар“, благодарение на новиот систем за контрола, можат да ја истрелаат целата муниција со еден плотун, подобрена е акустичната заштита, како и условите за работа на екипажот. Конечно, проектот 667БДРМ „Делфин“ ги добива модернизираните ракети Р-29РМУ „Синева“ и „Лајнер“ со зголемен опсег на летање и комбинирана борбена носивост. Врз основа на проектот 667 се создадени мноштво бродови за тестирање на перспективно оружје, хидроакустични комплекси и друга опрема.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче