„Океански ѕвер“: западните медиуми објавија цртежи на нуклеарната подморница К-329 „Белгород“

Се претпоставува дека на горната страна од трупот на подморницата, во нејзиниот заден дел се наоѓа и минијатурен нуклеарен реактор кој дополнително ќе ги напојува силните сензори кои ќе го карактеризираат ова пловило.

Продолжува опсесијата и загриженоста на западните медиумски куќи кога станува збор за мистериозниот проект на рускиот воено-индустриски комплекс, односно на специјализираните нуклеарни подморници кои ќе имаат можност да носат дрон-торпедо со интерконтинентален дострел „Посејдон“, кои најверојатно ќе имаат можност да ја носат најразорната термонуклеарна боева глава на светот. Покрај различни воени експерти во целата оваа хистерија се вклучија дизајнери и ликовни уметници кои се обидуваат да го предвидат изгледот на ова застрашувачко пловило.

Имено, на фотографиите што ги објави британскиот Интернет-портал Navylookout.com се гледа нуклеарната подморница К-329 „Белгород“ која под својот труп носи ракета на супертајната нуклеарна подморница АС-12 (АС-31) „Лошарик“ која може да постигне екстремни длабочини. Определени извори велат дека „Лошарик“ може да се спушти на длабочина и до дури 6 илјади метри, иако засега оваа подморница во практични услови се има спуштено на длабочина од 3 илјади метри. Таа е наменета за изведување специјални операции од различен карактер.

Екипажот е составен од 25 одбрани офицери-специјалисти. Нејзината должина изнесува 60 метри, а ја придвижува нуклеарниот реактор ППУ Э-17 кој генерира 15 илјади коњски сили. Вкупниот депласман изнесува 2.000 тони.

Пред извесно време западните медиуми резигнирано реагираа на спуштањето во вода на новата руска нуклеарна подморница К-392 „Белгород“. Нивните експерти беа импресионирани од огромните димензии на новата подморница која ќе носи дрон-торпедо со интерконтинентален дострел „Посејдон“, а исто така и новиот подводен акустички систем за глобален мониторинг „Хармонија“.

Според димензиите „Белгород“ е една од најголемите подморници на светот, вклучувајќи ги и пловилата кои се наоѓаат во состав на американската флота, пренесува Интернет-порталот Бог-рата. Подморницата е долга 600 фунти (184 метри), а нејзиниот вкупен депласман е поголем од линиските воени бродови од времето на Првата светска војна. Нејзината максимална длабочина на пловење е исклучителна и изнесува 500 метри, ги пренесува своите импресии авторот кој го напиша овој текст. Тој проценува дека подморницата според својот депласман ќе надмине 30 илјади тони, што е, на пример, двојно повеќе во однос на американската стратешка нуклеарна подморница од третата генерација од типот „Охајо“. Доколку ваквите цифри се покажат како точни, тогаш „Белгород“ според своите димензии ќе ја надмине најголемата нуклеарна подморница која е направена досега, а која ѝ припаѓа на класата гигантски подводни ракетоносци 941А „Акула“.

Во текстот се прецизира и основната намена на оваа подморница. Таа ќе биде платформа-носач за други видови подводни пловила. Командата на оваа подморница формално ќе биде потчинета на воената морнарица, додека всушност нејзината функција ќе биде во рамките на Главната команда за длабоководни истражувања (ГУГИ).

Меѓутоа, авторите на текстот признаваат, дека за многу техничко-тактички детали кои се поврзани за оваа подморница и натаму постојат претпоставки: „Русија има повеќе успеси од САД кога станува збор за криење на своите подморници од несакани протекувања на информации“, се вели во текстот. Познат е случајот поврзан за објавување на техничките детали од проектот на новите стратешки подморници од класата „Колумбија“, кои треба да ги заменат стратешките подморници од класата „Охајо“.

Американскиот експерт за подводни борбени ефективи Хју Сатон во интервју за Интернет-порталот „Попјулар меканикс“ изјави дека „Белгород“ во својата опрема ќе го поседува подводниот хидроакустичен систем за целосен мониторинг „Хармонија“ кој може да покрие огромно водно пространство (мориња и океани). Втората оперативна можност ќе биде способноста за изведување специјални операции со миниподморницата „Лошарник“ или со длабоководниот беспилотен батискаф „Клавесин 2Р-ПМ“.

Меѓутоа, сето тоа ќе биде споредно во однос на шесте беспилотни дрон-торпеда со интерконтинентален дострел „Посејдон“, колку што оваа гигантска подморница ќе може да носи.

Американскиот Интернет-портал „Вашингтон фри бејкон“ во својот текст се концентрира на основното ударно вооружување на подморницата „Белгород“ кое ќе биде составено од дрон-торпедата „Посејдон“. Авторите на овој текст наведуваат дека според податоците од западните разузнавачки служби само еден „Посејдон“ ќе може да носи термонуклеарна боева глава со сила од неколку десетина мегатони. Тие во таа пригода нагласија дека САД во овој момент не поседуваат оружје кое може да се спореди со овој руски „колос“.

Во текстот се цитира изјавата на генералот на американското воено воздухопловство Вон Хајтен, кој појавата на дрон-торпедата „Посејдон“ ја окарактеризира како директна закана за САД, на која државата мора итно да реагира. И поранешниот чиновник во Пентагон Марк Шнајдер само се надоврза на оваа приказна, така што даде уште повеќе „злокобни“ прогнози во кои наведе дека една руска подморница (се мисли на Белгород“) ќе може да проектира поголемо количество смртоносна радијација од целокупниот нуклеарен арсенал што моментално го поседуваат САД.

Меѓутоа, претставниците на руската воена морнарица повеќепати повторија дека дрон-торпедото од типот „Посејдон“ ќе биде дефанзивно оружје за стратешко смирување/одмазда, кое не е наменето за изведување на прв удар.

Нуклеарниот дрон-торпедо „Посејдон“

Се работи за беспилотно нуклеарно торпедо со интерконтинентален дострел кое може во од да ја менува траекторијата на своето движење. Според западни разузнавачки извори, овие подводни апарати ќе бидат опремени со термонуклеарно оружје. Имено, просторот за полезен товар (боевата глава) ќе има должина од 6,5 метри. Според наводите на американското разузнавање, толку големиот простор волуменски е доволен за во него да може да се смести боева глава со сила од 100-150 мегатони ТНТ.

Неодамна руски извори пренесоа податок дека стратешкиот нуклеарен подводен дрон-торпедо ќе носи боева глава со сила од 2 мт. Покрај нуклеарна боева глава, тој ќе може да носи и конвенционална боева глава, што е сепак малку веројатно со оглед на цената на еден ваков „колос“ која секако не е мал за операции на тактички план.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња