Во Русија се пуштени во промет вакцини против КОВИД-19 за животни

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Вакцината „Карнивак-Ков“ наиде на интерес кај странските партнери. Дваесетина организации се подготвени за преговори за регистрација и испорака на препаратот во своите земји. Се споменуваат Грција, Полска, Австрија.

Федералниот центар за заштита на здравјето на животните во промет ја пушти првата серија на вакцината „Карнивак-Ков“ против заразната болест КОВИД-19, соопшти Россељхознадзор.

Документацијата за регистрацијата на препаратот во странство се наоѓа во фаза на подготовка. Првата вакцина во светот против коронавирусот наменета за животни е регистрирана во Русија на крајот на март. Цената на вакцината која се дава во две дози изнесува 600 рубли.

Во клиничките испитувања за „Карнивак-Ков“ беа вклучени кучиња, мачки, поларни лисици, куни, лисици и други животни. Сите вакцинирани животни развиле стопроцентно антитела на SARS-СoV-2. Според досега достапните податоци, антителата остануваат во телото на животните најмалку шест месеци.

Првата партија од 17.000 дози ја имаат резервирано неколку градови и региони во Русија. Вакцината во најкус можен рок ќе биде доставена. Максималното количество на испораките овој месец ќе изнесува 3 милиони дози, а во перспектива ќе се зголеми на пет милиони.

Развојот на вакцини против коронавирусот за животни, како што соопшти Россељхознадзор започна во август минатата година. Препаратот е развиен во соработка со научниците од Научно-истражувачкиот институт за микробиологија на Министерството за одбрана на Русија. Тогаш беше речено дека вакцината ќе биде наменета пред сè за куните, со оглед на тоа што во тој момент во Холандија веќе беше забележан случај на пренос на заразната болест КОВИД-19 од куна на човек.

Постојните капацитети овозможуваат производство на околу десет илјади дози дневно.