Во Русија претставена технологија на автоматски беспилотни летала

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND
Во Русија е претставена технологија на целосно автоматски беспилотни летала. Иновативните методи на тестирање на дронови им беа демонстрирани на членовите на колегиумот на Воено-индустриската комисија во конструкторското биро на компанијата „Сухој“, пишува на сајтот на Владата на Руската Федерација.

Претставниците на компанијата зборуваа за методите на математичко компјутерско моделирање. Тие се воведуваат во проектантските и производствените процеси, благодарение на што двојно се намалува времето за откривање и отстранување на грешките и тестирање на склоповите и компонентите на воздухопловната техника.

На седницата на работната група што се одржа во рамките на посетата на компанијата „Сухој“ беа разгледани правците и патиштата на интелектуализација на системите со беспилотни летала, како и прашањата за групна примена и користење на технологиите на вештачка интелигенција.

Претставници на Министерството за одбрана на Русија истакнаа дека се планира формирање специјализирана управа за прашања на развој на вештачка интелигенција, додека производителите зборуваа за новите достигнувања во доменот на вештачката интелигенција во техниката за воена и двојна намена.