Што сè може да направи новиот руски стратешки бомбардер ПАК ДА

Телеграм-страница на Борбени ефективи
Овие летала ќе можат со нуклеарно ракетно вооружување да изведат удар по непријателските цели кои се наоѓаат на спротивната страна од планетата без да го напуштаат воздушниот простор на Руската Федерација.

Министерството за одбрана на Руската Федерација на почетокот на април го одобри конечниот изглед на невидливиот бомбардер кој во јавноста е познат како Напреден воздухопловен комплекс со голем дострел (скратено на руски ПАК ДА). Основната задача за време на неговото создавање на себе ја презедоа воздухопловните инженери на компанијата „Туполев“ кои се фокусираа на два приоритети: создавање летало со намалена видливост за современи средства за набљудување и детекција, и создавање способност за борбена употреба на ракетно вооружување со голем дострел.

Во овој момент инженерите работат со полна пареа на изработка на првиот прототип на леталото во негова целосна големина.

Познато е дека леталото ќе биде проектирано според аеродинамичната шема „летачко крило“ (станува збор за компактна конструкција која нема опашка, ниту е видлив преминот помеѓу трупот на леталото и главните крила). Овој авион ќе лета во супсоничен распон на брзината. Неговата максимална брзина ќе изнесува 1.190 километри на час. Тоа е значително помалку доколку брзината се спореди со суперсоничните стратегиски бомбардери Ту-160 кои во перспектива ќе го заменат ПАК ДА.

Кога станува збор за носењето оружје, леталото ќе користи исклучиво внатрешни единици за бомби заради максимално намалување на ефектот на радарската рефлективност (стелтни карактеристики). Ракетното вооружување ќе се состои од крстосувачки ракети од класата воздух-земја со голем дострел, но и перспективни ракети од слична категорија кои ќе се движат со хиперсонична брзина.

„Опремата која ќе се вгради во авионот ќе биде максимално автоматизирана. Во овој момент развојните инженери работат на изградба на мод за лет во беспилотен режим на работа. Исто така постојат претпоставки дека стратегискиот бомбардер ПАК Да ќе има функција на команден пункт преку кој истовремено ќе може да се управуваат повеќе беспилотни летала (заб. прев. – веројатно се мисли за тешките дронови С-70 Охотник, но и на ловечките авиони од 5- и 6 генерација кои ќе имаат можност да летаат без пилот), како и дека ќе можат да лансираат голем број ракети од класата воздух-воздух“, вели за нашиот сајт Вадим Козјулин, професор на Академијата за воени науки.

Мошне е важно да се истакне дека приоритетните барања во текот на изработката на овој авион – а тоа се неговите стелтни карактеристики – ќе бидат поврзани и со усвојувањето на новите тактички принципи на употреба на бомбардерите кои вклучуваат примена на воздухопловно вооружување со голем дострел.

„Современите руски воздухопловни сили во својот арсенал поседуваат моќни ракети Х-555 и Х-101 кои можат да погодат секаква цел на оддалеченост и до 5 илјади километри (3.106 милји), поради што престанува потребата за продукција на стратегиски бомбардери кои се одликуваат со голем долет. Современите стратегиски бомбардери ќе можат да ја извршуваат својата мисија без да го напуштат воздушниот простор на својата земја, каде постојано ќе биде под чадорот на своите воздухопловни средства“, потсетува Козјулин.

Како што претходно известија руските медиуми, специјалните модели и поединечните сегменти на стратегискиот бомбардер во целосна големина веќе се создадени и минаа низ тестовите во посебниот истражувачки оддел во кој се проценува квалитетот на радарската невидливост.

„Во текот на овие тестирања начелно е потврдено дека со употребата на специјалните модели на воздухопловната тактика бомбардерот ПАК ДА ќе може незабележливо да ги совлада напредните системи за ПВО, како што на пример постојат во војските на земјите-членки на НАТО“, додава Козјулин.

Експертот исто така вели дека секој ПАК ДА ќе носи до 40 тони воздушно борбено вооружување, што е стандард за современите стратегиски бомбардери. Самото вооружување ќе се состои од комплетен арсенал конвенционално и нуклеарно воздушно оружје од различен тип и за различна намена.

Максималниот работен век на секој авион би требало да биде најмалку 12 години, со негово продолжување на 21 година по постапката на детален сервисен ремонт.

Како што рековме, новиот стратегиски бомбардер го развива компанијата „Туполев“. Се проценува дека авионот ќе влезе во вооружувањето на руската армија до крајот на 2027 година. Се очекува дека леталото ќе ги замени старите, н0 и понатаму мошне употребувани стратешки бомбардери Ту-95МС.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња