Во Србија почна производство на руската вакцина „Спутник V“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Институтот „Торлак“ почна со производство на руската вакцина „Спутник V“ во Србија, извршено e полнење на првата серија контролни дози на вакцината, а сериското производство почнува на 20 мај.

Институтот „Торлак“ почна со производство на руската вакцина „Спутник V“ во Србија, објави на својот сајт Рускиот фонд за директни инвестиции.

Рускиот фонд наведува дека Србија стана првата држава во јужна Европа која произведува „Спутник V“ и дека производството на вакцината во Србија ги задоволува најдобрите стандарди.

„Во рамките на договорите постигнати меѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Институтот „Торлак“ во Србија во краток рок е успешно започнато производството на вакцината „Спутник V“. Србија е првата европска земја која почна да ја произведува руската вакцина“, изјави директорот на рускиот фонд Кирил Дмитриев.

Вакцината, додаваат тие, подоцна би можела да се извезува во други земји од регионот. Вакцинацијата против коронавирус со руската вакцина започна во Србија на 6 јануари 2021 година, потсетува Рускиот фонд.

Српскиот министер Ненад Поповиќ на својот профил на „Твитер“ исто така објави дека денеска е извршено првото полнење на дозите на вакцината.

„Денес во присуство на стручњаци од Рускиот фонд за директни инвестиции, Владата на Русија и руската фармацевтска компанија „Генериум“ во Институтот „Торлак“ е извршено полнење на првата серија контролни дози на вакцината „Спутник V“. Од 20 мај тргнува производството“, стои на твитер-профилот на српскиот министер.