Ирак во тоа време располагаше со борбени летала кои главно спаѓаа во воздухопловната техника од третата генерација, како што се Мираж Ф-1 и МиГ23. Во тоа време военото воздухопловство на САД својата сила ја базираше на масовна употреба на повеќенаменските ловечки авиони од четвртата генерација Ф-15Ц „Игл“, кои имаа задача да воспостават суверена доминација во воздухот, над зоната на која се изведуваат борбени операции. Овие летала за време на изведувањето на своите официјални дејствија работеа во тесна координација со авионите за рано откривање и наведување (таканаречени „летечки радари“) Е-3 „Сентри“. Од друга страна Ирак не беше во состојба да користи ниту приближно слична техника. И покрај сето тоа, на ирачките пилоти им тргна од рака во неколку воздушни судири да остварат победа, при што ги користеа повеќенаменските борбени авиони од четвртата генерација МиГ-29А и ловците-пресретнувачи МиГ-25ПД.
Американските автори успеаја да забележат шест вакви воздушни дуели. Па, да тргнеме по ред:
Првата воздушни борба помеѓу американските и ирачките борбени авиони се случи на 17 јануари. Пресретнувачите МиГ-25ПД кој е наоѓаа во составот на 96 ловечка ескадрила на военото воздухопловство на Ирак нападнаа два американски ловци Ф-18 „Хорнет“. Овие авиони беа нападнати со лансирање на ракети со среден дострел од класата „воздух-воздух“ Р-40РД (АА-6 „Акрид“), кои имаа силна шрапнелно-разорна боева глава со тежина од 36 килограми и сосема соодветен дострел кој според зборовите на авторите ги надминувале тогашните американски аналози кога станува збор за ракети од слична категорија. Во овој напад еден Ф-18 „Хорнет“ беше соборен. Пилотот Скот Спајкер (чин полковник) загина.
МиГ-25 беше дел од борбено најспособните летала кои се наоѓаа во составот на ирачкото воено воздухопловство, особено кога станува збор за борбите во воздух. На него се наоѓаше голем и моќен пакет различни сензори, додека самото летало имаше такви летно-технички способности што без некаков поголем напор можеше да постигне брзина од 3 маха.
Истиот ден (на 17 јануари) дојде до уште еден борбен контакт во воздушниот простор кога два МиГ-25ПД нападнаа ист број повеќенаменски американски ловци Ф-15. Во тој момент оваа двојка американски ловци реализираа воздушна мисија за обезбедување. Кон зафатените цели беа лансирани ракети со среден дострел Р-40РД кои овој пат не направија ништо. Од другата страна беа лансирани најмалку десетина американски ракети со среден дострел АИМ-7М кои исто така немаа никаков ефект зашто МиГ-25, благодарение на својата брзина, успеаја да ги избегнат.
Тука треба да се истакне дека американскиот ловец од четвртата генерација Ф-15 е специјално конструиран за борба против советските суперсонични ловци-пресретнувачи МиГ-25ПД, кој спаѓа во едно од најбрзите оперативни борбени летала кои некогаш биле направени. И едниот и другиот авион беа габаритни и спаѓаа во тешка категорија борбени апарати. Нивната намена беше борба во воздушниот простор на мали, средни и големи дистанци и на различни височини. Ф-15 во однос на својот конкурент имаше сериозна предност зашто работеше во координација со претходно споменатите „летечки радари“ кои на американските пилоти им овозможуваа значително подобар увид на целокупното боиште. Покрај тоа, верзијата на леталото МиГ-25ПД беше поевтина извозна варијанта која според техничко-тактичките параметри беше прилично послаба во однос на истото летало што го користеше советската армија, вклучувајќи ги и земјите кои беа дел од Варшавскиот договор. Така овој авион можеше да покаже само дел од своите реални борбени способности во судир со американскиот Ф-15,
Во текот на оваа војна дојде и до употреба на ловечки авиони од четвртата генерација што ги набави Ирак. Имено, повеќенаменскиот ловец МиГ-29А успеа да собори американски тактички бомбардер со голем дострел Ф-111 „Аардварк“, како и да погоди стратешки бомбардер Б-52-Г.
МиГ-291 во тоа време беше најновиот проект на советскиот военоиндустриски комплекс кој покрај опремувањето на советската армија беше наменет и за извоз. Иако според брзинските карактеристики беше инфериорен во однос на ловецот-пресретнувач МиГ25ПД, тој се одликуваше со исклучително висока маневрабилност, поточно со агилност во вртењето и промената на правецот на средни и на мали височини.
Ирачкиот МиГ-29А¹ по непријателот дејствуваше со ракети од класата воздух-воздух со краток дострел Р-60 кои го соборија тактичкиот бомбардер Ф-111, додека една ракета од класата воздух-воздух со среден дострел Р-27 погоди стратешки бомбардер Б-52Г кој во тоа време претрпе сериозни оштетувања.
Кога станува збор за ракетата Р-60, таа како што рековме спаѓа во категоријата воздушно оружје од класата воздух-воздух со краток дострел. Конструирана е во седумдесеттите години од минатиот век во поранешниот СССР. Нејзин производител е Тбилискиот воздушно-ракетен завод. Според својот облик спаѓа во типот ракети кои се дизајнирани во таканаречена „патка“ шема. Добро избалансираната аеродинамика и крилата за стабилизација на летот на ракетата ѝ даваа голема подвижност и маневарска способност за време на бркањето на целта. Ја придвижува мотор на цврсто гориво ПРД-159 чиј животен век по стартот на ракетата не е подолг од 5 секунди. Ова е доволно за ракетата да погоди цел на максимална оддалеченост од 10 километри, колку што изнесува нејзиниот ефективен дострел. На целта се наведува со помош на самонаведувачка боева глава која бара топлинско-инфрацрвен одраз.
Модернизираната верзија Р-60М е опремена со нешто поотпорна боева глава „Комар-М“ (ОГС-75) која уште поефикасно ја зафаќа својата цел. Покрај унапредениот сет за наведување, Р-60М носи и потешка боева глава со маса од 3.5 килограми. Веројатноста за погодок на целта со ракетата Р-60М изнесува 90%.
Кога станува збор за ракетата Р-27, таа во тоа време беше еден од најдобрите проектили во својата класа кога станува збор за борбата против воздушните цели на непријателот на средна оддалеченост. Ракетата Р-27 спаѓа во проектил од класата воздух-воздух со среден дострел со комбиниран тип на наведување. Во првиот дел од патеката ракетата кон целта се наведува по инерцијален пат, додека на самиот крај на завршувањето на работата се вклучува полуактивна радарска глава за самонаведување која ја зафаќа целта. Ракетата е отпорна на активно противелектронско попречување. Ефективниот дострел на ракетата во зависност од својата модификација се движи помеѓу 70 и 110 километри. Ракетата на својот пат постигнува брзина бод 4.5 маха, а шрапнелно-разорната глава со тежина од 40 килограми е сосема доволна да собори речиси секаква воздушна цел. Треба да се спомене дека постојат варијанти на оваа ракета кои се опремени и со инфрацрвени пасивни глави за самонаведување со дострел од 90 километри. Нивната ознака е Р-27Т.
Благодарение на нејзиниот дизајн кој е осмислен пред своето време, таа денес е мошне актуелна. Модернизираните модели на оваа ракета добија обновен систем за управување и наведување. Современата електроника овозможува побрзо и поквалитетно зафаќање на целта, што на пилотот му овозможува повеќе да се посвети на управување со авионот. Ракетата на целта се наведува со помош на радарска глава за самонаведување, во автоматски режим на работа. Покрај овој режим на работа, присутна е и можноста за полуавтоматски режим за наведување на целта за време на кој во целата операција на гаѓањето се вклучува и пилотот. Покрај ова за самата ракета е развиен нов тип гориво, што ѝ дава зголемен енергетски потенцијал. Модернизираната ракета Р-27 ќе може да соборува крстосувачки ракети, како и ловци од петтата генерација.
Значи, поради своите конструкциски предности ракетата Р-27 во голема мера ја надминува американската ракета АИМ-7М „Спероу“, додека според своите летно-технички карактеристики се споредува со новите модели на американските ракети воздух-воздух АИМ-120Ц.
Квалитетот на нападно-навигациските комплекси кои беа интегрирани во ловците МиГ-29 имаа способност за борба со непријателски летала кои се наоѓаат на голема оддалеченост – „зад хоризонтот“. Овој авион конечно е направен за да може успешно да им се спротивстави на тогашните американски летала од четвртата генерација, пред сè на лесните и на средните тактички ловци Ф-16 и Ф-18. Меѓутоа, командата на американското воено воздухопловство избегнуваше да ги употребува овие авиони кога станува збор за судир со 29-ките. За таа цел се користеа проверените Ф-15.
Ловечка двојка повеќенаменски борбени авиони Ф-15 добија известување од леталото за рано откривање и наведување Е-3, дека во близина се наоѓаат два ирачки ловци МиГ-29А. По добивањето точни координати, американските Ф-15 тргнаа да ги бркаат. Меѓутоа, ирачките МиГ-ови го воочија противникот и прифатија воздушна борба. Двете двојки ловци тргнаа една кон друга. Во тоа време 29-ките поседуваа подобри ракети и поголема маневрабилност, додека американските летала имаа предност кога станува збор за квалитетот на нападно-навигацискиот систем, поголема носивост на борбени средства, како и поддршка од страна на специјалната авијација за рано откривање и наведување („летечки радари“).
Американските ловечки авиони први лансираа ракети АИМ-7М „Спрероу“ кои погодија еден МиГ. Вториот МиГ-29А успеа да „фати“ една Ф-15, присилувајќи го американскиот пилот да тргне во остро понирање со масовно лансирање ИЦ-мамец со цел да ги збуни советските ракети кои беа опремени со инфрацрвени самонаведувачки боеви глави. Ирачкиот пилот не успеа да го уништи својот противник поради масовната примена на ракети со ИЦ-мамци, но и поради проблемот со радарот кон ненадејно се расипа. Потоа енергично излезе од воздушна борба, симулирајќи „бегство“. Меѓутоа тоа беше само тактика. Тој направо полукруг и повторно се сретна со својот стар пријател кој тргна кон авиотанкерот КС-135 за воздушно дополнување гориво.
Со оглед на тоа дека радарот се расипа, американскиот Ф-15 не можеше да го идентификува МиГ-29 како непријателски авион. Наскоро започна сурова борба на блиско растојание. Двете летала во таа пригода изведуваа маневри на гранични вредности, со цел да воспостават контрола над противникот. За тоа време се спуштија на мошне мала височина. Ирачкиот пилот не можеше да го контролира своето летало, кое по изведување на мошне тежок маневар падна на земја. Сепак, ирачкиот пилот успеа да спаси со катапултирање.
На 19 јануари дојде до судир во кој учествуваа и авиони на британското воено воздухопловство. Имено, ловец-бомбардер со променлива геометрија на крилата Торнадо беше соборен од страна на ирачки ловец МиГ-29 кој во таа пригода лансираше ракета со краток дострел од класата воздух-воздух Р-60МК.
Торнадо беше дел од борбените летала на четвртата генерација и во тоа време претставуваше мошне квалитетна борбена машина во својата класа. Примената на ракетите Р-60 укажува на тоа дека британскиот ловец е најверојатно соборен во блиска воздушна борба (догфајт) каде беше значително послаб во однос на 29-ката која според летно-техничките параметри кога станува збор за блиска воздушна борба беа сепак далеку подобри од авионот од типот Торнадо.
На 30 јануари два ловци-пресретнувачи на ирачкото воено воздухопловство МиГ-25ПД организираа заседа за американските повеќенаменски ловечки авиони Ф-15. Точната локација на која беа очекувани американските авиони беше добиена од страна на ирачката разузнавачка служба. Во меѓувреме, ирачките ловци беа дислоцирани на повеќе воени аеродроми од каде можеа да ги нападнат американските борбени летала од различни правци.
Американските авиони влетаа во заседа. На нив беше дејствувано со ракети Р-40. Една ракета успеа да погоди еден Ф-15, меѓутоа според информациите кои дојдоа од извор на американското воено воздухопловство, тој и покрај оштетувањата се вратил во воената база. Официјалните податоци кои се поврзани со ирачки извори потврдуваат дека остатоци на погодениот Ф-15 подоцна биле пронајдени на земја.
———————————————————————————————————————
¹ МиГ-29 (НАТО-класификација Fulcrum) е советски/руски авион-ловец од 4 генерација. Негова основна намена се ловечко-пресретнувачки дејства со цел воспоставување ефективна контрола над воздушниот простор. Оспособен е за борба против широк спектар воздушни цели, при што благодарение на своите исклучителни маневарски способности е многу опасен во блиска воздушна борба, во сите временски услови на денот и ноќта. За ловечко-пресретнувачки дејства користи ракети со мал и среден дострел. Исто така, помодерните верзии на овој авион се оспособени и за класични бомбардерски задачи, при што користат високопрецизни ракети и бомби со голема деструктивна моќ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче