Младите „Руски витези“ на ловци Су-35С ги изведоа првите соборувања на цели во воздух

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Младите пилоти кои се наоѓаат во составот на руската летечка акрогрупа „Руски витези“ вo „Стрижи“ го изведоа своето прво боево гаѓање со повеќенаменските ловци Су-35С. Во таа пригода беа употребени воздухопловни ракети од класата воздух-воздух Р-73.

Младите пилоти кои се наоѓаат во состав на воздухопловната група „Руски витези“ за првпат изведоа боево гаѓање од повеќенаменските борбени авиони Су-35С од генерацијата 4++. Во таа пригода тие дејствуваа со ракети од класата воздух-воздух Р-73. Целиот процес беше реализиран во воздушниот простор околу аеродромот Кубинка во рамките на преобуката и усвојувањето на новиот тип воздухопловна техника. Ова за руските медиуми го соопшти информативната служба на руското Министерство за одбрана, а пренесува Интернет-порталот РГ.

Како што објаснија од Министерството за одбрана, од еден ловец кој учествувал во вежбите исфрлен е имитатор со падобран, кој имал задача да имитира воздушна цел во топлотен спектар. Пилотите кои летале на авионите Су-35С имале задача со употреба на ракетата Р-73 да ја соборат својата цел на висина од над 9 илјади метри, со средна брзина од 700 километри на час. Покрај ловците Су-35С на вежбата се ангажирани и борбените апарати МиГ-29 и Су-30СМ.

Р-73 спаѓа во ракетите со краток дострел, означена според НАТО кодификацијата како AA-11 „Archer“ - „Стрелец“. Нејзината основна функција е борба против агилни воздушни цели во услови на близок воздушен бој. Се одликува со исклучително широк агол на зафат,  суперманеварбилност и принцип „испукај и заборави“. Конструирана е според аеродинамичната концепција „патка“. Ја движи едностепен мотор на цврсто гориво. Се наведува на целта со помош на пасивна инфрацрвена самонаведувана боева глава која е многу отпорна на пречки. Оваа глава е толку чувствителна што може да ја зафати целта на далечина од неколку десетици километри. Ефективниот дострел на ракетата Р-73М е до 40 км. Ја уништува целта со високо-експлозивна шипкаста боева глава со тежина од 8 кг, која ја расечува на два или повеќе делови. Може да користи различни типови запалки – од радарска близинска до оптичка.

Ракетата според своите димензии е многу компактна. Нејзината должина е околу 2900 мм, со максимален распон на крилата од 510 мм. Нејзиниот калибар е 170 мм. Ефикасна е против воздушни цели што летаат со брзина до 2500 км/ч, и кои истовремено маневрираат под оптоварување од 12 G. Ракетата е способна при лет да издржи оптоварување и до 40 G.

Командирот на летачкиот оддел на воздухопловната група „Руски витези“ мајор Сергеј Наказни рече дека сите пилоти кои учествувале во вежбата ја исполниле својата задача со највисока оценка.

Су-35С длабоко модернизиран супермневарбилен повеќенаменски ловец од генерацијата 4++ кој е конструиран со помош на технологии од петтата генерација. Небесниот крстосувач го карактеризира  многу квалитетна авионика која за основа користи комплексен компјутерски информационо-команден систем, нов радар, мотори АЛ-41Ф1С со плазмен систем на согорување со зголемена сила и управливи вектори на потисок. Овие мотори според своите карактеристики можат да се применат и на ловци од петтата генерација, затоа што обезбедуваат надзвучна брзина без дополнително согорување. Максималната брзина на авионот е 2500 км/час, додека оперативниот долет достигнува 3400 км. Су-35 е вооружен со воздухопловен топ со калибар 30 мм, а на леталото има уште 12 точки за бомби и ракети кои се мерат во тони.