Руските конструктори интензивно работат на нова генерација „хај-тек“ шлемови за пилотите на Су-57

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Овој систем овозможува прикажување на податоците на визирот на пилотскиот шлем во вид на дигитални цели (зафаќање на цел), како и на известувања за достапниот арсенал за нивно уништување, потоа детален приказ на информациите што му се неопходни на пилотот, а исто така и видеоприказ на просторот зад леталото што го обезбедуваат телевизиски и термовизиски сензори.

Пилотскиот шлем со интегрирани системи, кои имаат функција да создадат кај пилотот чувство на проширена реалност, се наоѓа во фаза на интензивни тестирања. Нивната основна функција е техничка помош на пилотите на руските ловци од петтата генерација Су-57 при управување со леталото, како и со системите на оружје. Ова за веб-порталот ТАСС беше кажано во информативната служба на Обединетата воздухопловна компанија (дел од државната корпорација „Ростех“).

„Во овој момент изведуваме тестирања на системот за нишанење и индикација кој е интегриран на шлемот на пилотот кој ќе управува со повеќенаменските авиони-ловци од петтата генерација Су-57. Овој систем овозможува прикажување на податоците на визирот на пилотскиот шлем во вид на дигитални цели (зафаќање на цел), како и на известувања за достапниот арсенал за нивно уништување, потоа детален приказ на информациите што му се неопходни на пилотот, а исто така и видеоприказ на просторот зад леталото што го обезбедуваат телевизиски и термовизиски сензори“, велат од Обединетата воздухопловна корпорација.

На овој начин пилотот е во состојба да го набљудува и просторот зад себе во услови на ограничена оптичка видливост (ноќ, временски услови). Ова е многу важно за него при изведувањето комплицирани маневри каде што е во можност да го види просторот околу себе, практично од сите агли.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација што го имаат развиени воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи што можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат кривни борбени дејствија, уништување на најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и за надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командна инфраструктура на непријателот итн.

Треба да се додаде и дека посебно внимание на руските воени конструктори е насочено кон изградбата на напредно ракетно вооружување од класата „воздух-воздух“ кое ќе му обезбеди на ова летало остварување доминација во воздушниот простор. Тоа пред сé се однесува на развојот на супераманеварбилните ракети со краток и среден дострел (Р-73/РВВ МД и  К-77М/РВВ АЕ), но и на ракетите со голем дострел за напад на цели на далечини над 300 км, како што е Р-37М. Покрај реконфигурацијата на нивните габарити и дизајн, особено внимание му е посветено на развојот на нова генерација ултраотпорни (на средства за противелектронска борба – заб. на прев.) самонаведувачки боеви глави со висока сензибилност.

Според информациите на руското Министерство за наука, до крајот на 2024 година руските Воздушно-космички сили (ВКС) ќе воведат во оперативна употреба 22 ловци од овој тип (две комплетирани ескадрили), додека до крајот на 2028 година тој број ќе порасне на вкупно 76 летала.