Додека го чекаат својот воз, патниците на московското метро ќе гледаат видео со ловци „МиГ“

Владимир Кисов
Во првиот видеоматеријал ќе бидат претставени ексклузивни кадри од затворената презентација на најновиот повеќенаменски ловец МиГ-35 од генерацијата 4++, во кој се откриваат досега необјавени летечко-технички карактеристики на новото летало.

Патниците на московското метро ќе ја имаат честа да погледнат серија тематски содржини за борбените авиони на производителот „МиГ“ (дел од државната корпорација „Ростех“). Видеото ќе биде прикажувано на сите постојки што се наоѓаат во рамките на оваа импозантна подземна железница. Покрај тоа, ќе бидат поставени екрани и во возовите, каде патниците и во текот на возењето ќе се запознаат со најновите достигнувања на руската воена индустрија, пренесува веб-порталот ТАСС.

Од информативната служба на компанијата „МиГ“ посочија дека првиот во низата видеоматеријали ќе биде посветен на новиот повеќенаменски борбен авион Миг-35.

МиГ-35 претставува повеќенаменски авион-ловец од генерацијата 4++. Резултат е на сеопфатна модернизација на борбените апарати МиГ-29К/КУБ и МиГ-29М/М2. Овој тактички ловец е првенствено наменет за остварување апсолутна воздушна надмоќ на мали и средни далечини (тактички ловец). Покрај примарната ловечка улога, авионот е оспособен и да изведува многу прецизни напади врз копнените и поморските сили на непријателот, па може да се смести и во категоријата ловец-бомбардер. Со иновативните конструкторски решенија значително е зголемена борбената носивост на убојниот товар, а со интеграцијата на посилни и истовремено поекономични мотори и дополнителниот простор за гориво е зголемен неговиот оперативен борбен радиус.

Според производителот, основните предности на овој авион се: намалената радарска рефлексивност, четирикратно посигурниот систем според сите канали на управување, авиониката од нова генерација, оптоелектронската станица за детекција и електронскиот визир на шлемот на пилотот за нишанење и индикација. На авионот е исто така воспоставено и современо информациско-командно поле на пилотската кабина кое се одликува со висок степен на автоматизација. Леталото е опремено со нови мотори со зголемена сила на потисокот. Овој авион има можност за дополна на гориво во воздух со помош на специјални авиотанкери. Покрај тоа, авионот е целосно унифициран во варијантите едносед и двосед кога е во прашање конструкцијата на трупот, комплексот на применетата опрема и главните извршни функции.

Од корпорацијата напоменуваат дека во првиот видеоматеријал ќе бидат претставени ексклузивни кадри од затворената презентација на најновиот повеќенаменски ловец МиГ-35 од генерацијата 4 ++, во кој се откриваат досега необјавени летечко-технички карактеристики на новото летало.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња