Порталот Global Firepower го сумираше своето традиционално истражување и направи ранг-листа на најјаките армии на светот. Во ова истражување предвид се земаат над 50 индивидуални фактори. Меѓу нив е воената моќ, но и големината на воениот буџет, а исто така и логистиката и географската положба. Уникатната формула им овозможува и на помалите армии да се натпреваруваат, особено на армиите на технолошки развиените земји против поголемите, но помалку развиени армии.
Резултатите од ранг листата ги коментираше списанието „National Interest“.
Првото место секоја година го заземаат САД. За воља на вистината, Америка не е многу пред конкуренцијата, но сепак се истакнува благодарение на огромниот буџет, на големиот број војници и на значителните резерви. Американската воена индустрија може да прави најсовремена воена техника на светот. САД се водечка сила во областа на воената авијација, имаат најголем број активни носачи на авиони и можност да извршат глобален напад врз основа на концепт кои постои во воената морнарица на САД, а е поврзана со примената на офанзивни групи бродови кои ги предводат носачите на авиони.
Русија го зазеде второто место на ранг-листата, и ова не е прв пат. Таа успеа да го обнови воениот потенцијал по постсоветската криза и да реализира голем број проекти поврзани со модернизација на военото воздухопловство и на воената морнарица. Резултатот од овие напори се забележува во 2021 година. Сега Русија поседува нова генерација подморници вооружени со стратешки и со крстосувачки ракети. Ова ѝ овозможува да го намали заостанувањето зад Американците. Сè поголемата моќ на руски корвети и на други помали бродови зборува во прилог на тоа дека особено внимание се посветува на зајакнувањето на крајбрежната одбрана.
Покрај тоа, Русија и понатаму е пред САД во сите категории на копнено вооружување, освен кај лесните оклопни возила. Кога станува збор за военото воздухопловство, сè уште е незначително зад САД, но првиот руски ловец Су-58, наменет за воспоставување доминација во воздухот, сведочи за тоа дека за развојот на средства за борба против „стелт“ авионите Русија посветува поголемо внимание одошто создавање сопствени „невидливи“ летала.
Кина воочливо заостанува зад Русија и САД, но и понатаму вложува големи и долгорочни инвестиции во сите гранки на воената индустрија. Со втор по големина воен буџет и најголем број резервисти, Кина демонстрира способност да обезбеди експлозивен развој во кус период. Значајните суровински ресурси ѝ овозможуваат во следните децении да реализира низа амбициозни програми во областа на производството и на набавката на оружје, од создавање сопствени носачи на авиони со групи составни воени бродови до производство на флота бомбардери и на ловци од шестата генерација.
И покрај релативно малиот воен буџет и воената индустрија која не може да се спореди со индустриите на трите водечки светски сили, воениот потенцијал на Индија се базира на нејзините огромни ресурси на работна сила и исто така на импозантниот број резервисти. Индија има голем, иако делумно застарен парк тенкови, а располага и со импресивни сили на крајбрежна одбрана и со солидна резерва артилериско оружје. Њу Делхи и понатаму увезува воена техника, но во последно време во Индија се преземаат чекори во насока на создавање независна воена индустрија, и тоа главно врз основа на лиценцирана техника и договори за предавање на технологии.
Во 2020 година Јапонија за првпат ја потисна Франција и го зазеде петтото место на ранг-листата. Тоа го постигна благодарение на богатството, на релативно големиот воен буџет и на извонредната инфраструктура. Јапонија има моќно воено воздухопловство и добро е застапена во определени категории на воената морнарица, вклучувајќи ги разорувачите и подморниците, но нејзиниот вкупен рејтинг е полош поради релативно малите копнени сили.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче