Руски ровер пред половина век атерираше на Венера!

Наука и технологија
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Денес ова звучи неверојатно, но пред 51 година Советскиот Сојуз испрати сонда на друга планета, и тоа немајќи практично никакви податоци ниту за нејзината атмосфера, ниту за други параметри. Ова во голема мера е направено „на слепо“.

Советската космичка програма кон крајот на педесеттите години од минатиот век беше во подем. Во тој период секоја година се организираа триумфални мисии – првиот вештачки сателит, првите живи суштества во космосот, првиот лет околу Месечината и снимки од нејзината „темна“ страна. По ваквите успеси се чинеше дека ништо не е невозможно. И затоа, кога почна да се зборува за првото атерирање на друга планета советските научници оваа идеја со задоволство ја прифатија.

Денес ова звучи како голема утопија, но во тоа време не се знаело речиси ништо за другите планети. Во август 1959 година беше одржано советување, а веќе на 10 декември советската власт издаде указ за создавање станица за лет на Венера (и воедно на Марс) со цел овие станици (кои тогаш сè уште не постоеле) веќе кој крајот на 1960 година да се испратат во космосот!

Мисии организирани „на слепо“

Било одлучено најпрво да се лета на Венера како планета која е најблиска до Земјата. Советите тогаш веќе ја имале „седмицата“, ракетата-носач Р-7 што ја проектираше Сергеј Корољов и на која во орбитата летаа вештачки сателити, а подоцна и космонаути. За подалечните летови требаше сериозно да се модифицира ракетата и да се создаде сосема нов степен со уникатни карактеристики, но тоа беше изводливо.

Било одлучено да се дејствува по постојната шема, односно како во случајот со летот околу Месечината (кој е изведен во 1959 година). Планирано беше космичкиот апарат со падобран да се исфрли на површината на планетата. Како што можеше и да се очекува, првата мисија беше неуспешна.

Работата е во тоа што советските научници во тоа време биле убедени дека Венера има иста атмосфера како Земјата, и дека дури има вода и вонземски облик на живот (за волја на вистината, не мислеа само тие така – извештаите на агенцијата НАСА од тој период содржеа цртежи со диносауруси). Поради тоа мисијата „Венера 1“ беше пресметана на намерен судир со површината на Венера, но поради губење врска со Земјата сондата не можеше да го коригира правецот и во 1961 година пролета покрај планетата, промашувајќи ја за 100.000 километри. Во космички размери тоа и не е толку многу. Никој претходно не пришол толку близу до Венера.

Потоа следуваше цела низа неуспешни мисии, и тоа траеше цела деценија. Речиси секое приближување кон двете планети е искористено за лансирање нови советски истражувачки станици. Но, тогаш научниците немаа никаква претстава за реалната состојба на Венера, па немаше шанси ни сондата да дојде до нејзината површина.

Сондите „Венера 4“, „Венера 5“ и „Венера 6“ експлодираа во атмосферата по силен притисок (за кој исто така не се знаеше). Добра околност е што сите тие стасаа да испратат на Земјата податоци за составот на атмосферата, за нејзината атмосфера и за притисокот. Така, на пример, се дозна дека 90% од атмосферата на Венера е составена од јаглерод диоксид, и дека притисокот и температурата се исклучително високи. Со други зборови, немаше ништо за какви било облици на живот.

„Бев сведок на големо разочарување кај научниците кога на Венера не беа пронајдени облици на живот. Двајца дури зборуваа дека животот им минал залудно, зашто таа идеја ги поттикнала да се занимаваат со наука... Патем, еден од нив подоцна стана свештеник“, пишува „космичкиот“ новинар Владимир Губарев во својата книга.

Од тој момент програмата „Венера“ ја менува ориентацијата и истражува дали таму некогаш воопшто постоел живот.

„Вистинско чудо е што 'Венера 7' воопшто се спушти на површината“

На крајот беше постигнат успех во мисијата „Венера 7“. За волја на вистината, тоа не беше седма, ами седумнаесетта по ред мисија, но во Советскиот Сојуз не беше вообичаено јавноста да се известува за неуспесите.

По долги научни дискусии, со оглед на новите податоци, инженерите одлучија да се осигурат и да конструираат нов апарат кој може 90 минути да издржи 180 атмосфери и 540 степени според Целзиус. Корпусот на сондата овој пат не беше направен од легура на алуминиум и магнезиум, како кај претходните „Венери“, ами од титаниум, така што овој ровер беше поцврст и потежок (тежината изнесуваше 500 килограми).

Поради тоа мораа да се откажат од монтирање на определени научни инструменти, така што можностите на сондата не беа големи. Можеше да ги измери температурата и притисокот на површината на Венера, да го анализира типот на површината и да го измери максималното забрзување на делницата за кочење. Имаше и слика на Владимир Ленин и знаме на СССР и тоа беше сè.

„Венера 7“ беше лансирана од космодромот Бајконур на 17 август 1970 година. Пет дена подоцна беше лансирана идентична резервна станица, но таа не стаса до Венера – нејзиниот мотор експлодираше уште на Земјината орбита. Затоа „оригиналот“ по 120 дена лет низ вселената стаса во близина на Венера и на 15 декември успешно атерираше. Тоа беше првиот космички апарат кој се спушти на друга планета.

Сето тоа изгледаше како големо чудо. Голема беше веројатноста дека нешто во текот на мисијата ќе тргне наопаку. И тргна, зашто падобранот во атмосферата на Венера се скина, така што модулот се спушташе побрзо одошто требаше. Едно време се сметаше дека сондата по таквото атерирање повеќе не се употребуваше за време на влегување во атмосферата откажа телеметрискиот колектор, така што температурата беше единствен параметар што се емитуваше на Земјата за време на спуштањето и престојот на апаратот на површината на Венера. Дури подоцна со анализа е установено дека сондата по спуштањето уште 23 минути испраќаше сигнали непосредно од површината на планетата.

Заборавена планета

По „Венера 7“ на истата планета се испратени и апарати од новата генерација, благодарение на кои СССР стекна првенство во нејзиното проучување, како и првата фотографија од нејзината површина. Оваа фотографија ја направи „Венера 8“ половина година подоцна. Тоа беа првите снимки направени од површината на друга планета.

Од Земјата на Венера се испратени вкупно 27 советски космички апарати. Последниот беше „Венера 16“ по што беше започната нова космичка програма „Вега“. Во рамките на оваа програма во периодот од 1984 до 1986 година успешно е извршено проучување на атмосферата на Венера со помош на аеростат и на Земјата се проследени најпрецизни податоци за оваа планета.

Но, сето тоа сепак не беше доволно. Сè уште не се познати сите супстанции од кои е составен нејзиниот облачен слој, како што не е јасен ниту механизмот на нивното формирање. Ваквите податоци би можела да ги собере меѓународната планетарна станица во атмосферата на Венера, но такво нешто е премногу скапо задоволство. Поради тоа Венера со години беше запоставувана во научните кругови.

Во октомври 2020 година повторно дојде на дневен ред, и тоа поради фосфинот. Станува збор за супстанца која според најновите истражувања може да сведочи за траги на живот. Атмосферата на Венера во облачниот слој содржи фосфин, и поради тоа интересот за оваа планета порасна. „Роскосмос“ за 2029 година ја планира првата мисија на Венера по долги години. Постојат изгледи мисијата да се организира и порано, веќе во 2027 година.