Ракетен дивизион ПВО/ПРО-системи С-400 „Триумф“ кон средината на оваа недела ќе стапи на борбено дежурство на рускиот остров Сахалин, соопштија извори од руското Министерство за одбрана.
Според овој извор, в среда, 24 февруари, елементи на ракетниот полк што се наоѓа во состав на Источниот воен округ ќе го започнат своето борбено дежурство на островот Сахалин со цел заштита на воздушниот простор на Руската Федерација на Далечниот Исток. Овие единици се опремени со ракетни системи С-400 „Триумф“ со долг дострел, пренесува веб-порталот „Интерфакс“.
Дивизионот ќе биде распореден во реонот на градот Болшаја Елањ во Сахалинската област. Во декември 2020 година руското Министерство за одбрана соопшти дека на Курилските острови распоредило ракетен систем за противракетна одбрана со долг дострел С-300В4.
Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км. Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км. Системот влезе во вооружување на 28 април 2007 година. Во овој момент руската армија во своето вооружување има 33 полкови/69 дивизиони опремени со системи С-400 „Триумф“.
С-300В4 претставува понатамошна модернизација на ракетните системи С-300В кои се наоѓаат во вооружувањето на Копнената војска на руската армија. Тие пред сѐ се наменети за пресретнување на оперативно-тактички и балистички ракети. Значи, тука во основа се работи за противракетен систем. Покрај тоа, тие можат да се употребат и против останатите воздушни цели, како што се авиони, хеликоптери и сл. За разлика од претходните системи, новиот С-300В4 може да пресретнува проектили на далечини и до 400 км. Според своите севкупни тактичко-технички карактеристики, овој систем ги надминува можностите на системот С-400 „Триумф“. Исто така, комплетниот комплекс со радарско-набљудувачките и нишанските системи, како и со лансирните и логистичките единици е сместен на тенковски шасии на гасеници.
Процените се дека благодарение на навистина обемниот пакет модернизација применет на верзијата С-300В4, неговата борбена ефикасност е зголемена за дури 2-3 пати во однос на претходната верзија на овој систем С-300В3. Оваа верзија на системот во моментов претставува можеби и најдобар ракетен систем за ПВО/ПРО на светот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче