Зона Калининград: ловци Су-27СМ тренираа соборување стратешки бомбардери B-1B „Lancer“

Ловечко-пресретнувачките ескадрили на Гардискиот ловечки полк на морнаричката авијација на Балтичката флота изведоа воена вежба во која беше симулирана борба со стратешки бомбардери на условниот непријател, како и со голем број имитации на крстосувачки ракети кои на нишан имаа важни инфраструктурни објекти на руската војска во Калининград. Вежбата беше иницирана откако на норвешкиот воен аеродром Ерланд слетаа четири суперсонични стратешки бомбардери Rockwell B-1B "Lancer" на ВВ на САД.

„Во Калининградската област започна летечко-тактичка воена вежба во која учествуваат повеќенаменски борбени авиони од составот на воздухопловниот полк на Балтичката флота. Во неа учествуваат екипажите кои управуваат со ловци Су-27“, велат од информативната служба на Западниот воен округ.

Воените вежби во зоната Калининград започнаа откако на норвешкиот воен аеродром Ерланд слетаа четири суперсонични стратешки бомбардери Rockwell B-1B „Lancer“ на Военото воздухопловство на САД.

Во рамките на воената вежба беа реализирани оперативни протоколи на пилотскиот и инженерско-техничкиот состав на гардискиот ловечки полк на морнаричката авијација на Балтичката флота кои се состојат од подготовка на леталата за извршување борбена задача, минимизирање на последиците од удар на условниот непријател и прелет на резервен аеродром.

Екипажите на ловците Су-27 реализираа летечко-тактички задачи што се однесуваат на извршување на ловечко-пресретнувачки активности при повреда на рускиот воздушен простор во зоната на Калининградската област, вклучувајќи и боево гаѓање со ракети од класата „воздух-воздух“ на цели кои имитираа непријателски крстосувачки ракети и стратешки бомбардери-ракетоносци на условниот непријател.  

Вкупно беа ангажирани повеќе од 100 војници и офицери (пилоти + технички персонал) и една ескадрила составена од повеќенаменски ловци Су-27. Пилотите на овие летала се наоѓаат во режим на постојано боево дежурство, неуморно чувајќи го воздушниот простор на Калининградската област.

Су-27 е повеќенаменски авион-ловец од четвртата генерација. Наменет е за пресретнување и уништување широк спектар воздушни цели кои можат да се наоѓаат далеку од местото на базирање на ловците Су-27 (голем оперативен радиус). Максималната брзина што ја постигнува авионот е 2430 км/час. Плафонот на летање се наоѓа на 18000 метри. Авионот е опремен со воздухопловен топ со калибар 30 мм. Од ракетно вооружување може да употребува пет различни типови ракети „воздух-воздух“ и три типа воздухопловни бомби.

Ловечките ескадрили кои се наоѓаат во Калининградската област имаат и модернизирани верзии Су-27СМ. Првиот лет на овој авион беше реализиран на 27 декември 2002 година. Кај него е модернизиран напаѓачко-навигацискиот комплекс, особено кога е во прашање унапредувањето на авионот за ловечко-пресретнувачки дејства и удари врз површински бродови (ракета Х-31А „Криптон“). Модернизирани се двете компоненти на напаѓачко-навигацискиот комплекс (радарската и оптоелектронската), интегрирани се дополнителни повеќенаменски индикатори во кабината на леталото и унапреден е индикаторот на шлемот (систем за нишанење „Сура-К“).

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња