Делови на Црноморската флота (ЦФ) реализираа заедничка воена вежба на ловечката и бомбардерската авијација од составот на Поморската авијација во содејство со екипажите на противбродскиот ракетен систем „Бал“. Како што пренесуваат од информативната служба на Црноморската флота, основната цел на оваа вежба е уништување на површински воен брод на условниот непријател, пренесува рускиот веб-портал „Интерфакс“.
Според сценариото на вежбата, во водите на Црното море е откриен површински брод на условниот непријател, кој на својата палуба превезувал група поморски диверзанти. По добивањето на информацијата за точната локација на непријателското пловило, во негова насока е испратен патролниот брод на руската Воена морнарица „Питливиј“. За реализација на главната задача на вежбата се алармирани дежурните ескадрили на поморската авијација кои во својот состав имаат повеќенаменски борбени авиони Су-30СМ и фронтовски бомбардери Су-24М, како и батерии на противбродски ракетни системи „Бал“ распоредени во длабината на полуостровот Крим.
Повеќенаменскиот борбен авион Су-30СМ е способен да носи и суперсонични противбродски ракети од класата „воздух-вода“ Х-31М (НАТО кодификација – Crypton). Овие ракети имаат дострел и до 160 км, а нивната крстосувачка брзина е поголема од 2,5 Мах. Ракетата Х-31 е опремена со боева глава тешка околу 100 кг високобризантен експлозив, што претставува навистина голема опасност за сите површински бродови со депласман до 5000 тони.
„Во првата етапа на вежбата екипажите на авионите Су-30СМ и фронтовските бомбардери Су-24М нанесоа прецизни удари со ракети и бомби врз зафатениот објект. Притоа тие изведоа и многу изискувачки маневри за доаѓање и заминување кои се изведуваат во подготовката на нападот, неговото изведување и заминување од местото на настанот. Во втората фаза на вежбата на сцена стапија ракетните системи „Бал“ кои со помош на своите копнено-набљудувачки и нишански системи ја лоцираа и следеа зададената цел, преминаа во позиција за отворање оган и изведоа електронско лансирање на ракети“, се наведува во соопштението на информативната служба на Црноморската флота.
Бал (индекс ГРАУ 3К60, ознака НАТО: SSC-6 «Sennight» (рус. „неделя“) е крајбрежен ракетен комплекс вооружен со противбродски ракети Х-35. Во вооружувањето се наоѓа од 2008 година. Неговата основна намена е ефикасна контрола на крајбрежниот појас и заштитата на водното пространство од непријателски пловила. Се користи за заштита на поважните воено-поморски пристаништа, крајбрежните градови, воената и цивилната инфраструктура како и за одбрана на чувствителните зони од евентуален поморски десант на непријателот.
Една лансирна единица е опремена со 8 ракети Х-35/Х-35У сместени во лансирните контејнери. Овие контејнери се наоѓаат на мобилната платформа МЗКТ-7930. Една батерија ракетен комплекс „Бал“ е составена од команден пункт за управување и врска (2 единици), 4 лансирни единици со вкупно 32 ракети, и 4 логистичко-транспортни единици со капацитет од уште 32 ракети кои вршат и полнење на лансирните единици. Еден дивизион од овие средства во својот состав има најмалку две батерии со 8 лансирни единици и 64 подготвени ракети. Во резерва се наоѓаат дополнителни 60-80 противбродски ракети (цел дивизион најмалку 120 ракети).
Комплексот може да користи 2 типа ракети. Х-35 (дострел од 120 до 200 километри) и Х-35У (со дострел од 260 километри). Обете ракети имаат дозвучна крстосувачка брзина на летот. Можат да уништат пловила со депласман и до 5.000 тони. Се наведуваат со помош на активни глави за самонаведување (системот пука и заборава). Постои и извозна варијанта на овој комплекс опремена со ракети Х-35УЭ.
Во вежбата се ангажирани повеќе од 200 војници, четири Су-30СМ, два Су-24М и дивизион крајбрежен ракетен систем „Бал“ од составот на ракетно-артилериската група сили.
Во духот на оваа вест треба да се истакне и дека пред неколку дена кон водите на Црното море тргна стариот познаник кој во меѓувреме стана прва медиумска ѕвезда на американската Воена морнарица при ненадејните „судири“ со руските авиони, кои кај неговиот екипаж често знаеја да предизвикаат чувство на непријатност и вознемиреност. Се разбира, станува збор за разурнувачот „Доналд Кук“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче