Летот беше реализиран на 15 декември од аеродромот на Иркутската фабрика за производство на авиони, подружница на корпорацијата „Иркутск“ која е дел од „Ростех“.
„Денеска <...> го гледаме резултатот на доследната државна политика на полето на развој на високотехнолошките гранки. Имаме нова генерација конструктори и работници во производството“, изјави рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров.
Летот траеше 1 час и 25 минути. Со авионот управуваше екипаж составен од пробните пилоти Василиј Севастјанов и Андреј Воропаев и пробниот инженер Александар Соловјов. Во текот на летот беа тестирани режимите на работа на моторот, стабилноста и управливоста со авионот, како и функционирањето на сите негови системи.
„Овој лет е резултат на обединувањето на двете најважни програми на цивилната авионска индустрија во Русија – авионот МС-21 и моторот ПД-14. Со напорите на научниците, конструкторите, инженерите и работниците се прави авион од нова генерација кој ја враќа нашата земја во највисоката лига на светската авијација“, рече генералниот директор на „Ростех“ Сергеј Чемезов.