Судејќи според сé, руската воздухопловна воена индустрија интензивно работи на развој на проект за употреба на рускиот тежок ударен дрон „Охотник“ во тандем со ловецот Су-57. Се претпоставува дека стандардната формација ќе се состои од еден авион Су-57 кој ќе управува со група од 3-5 дронови. С-70 „Охотник“ исто така ќе има и сопствен систем на вештачка интелигенција што ќе му овозможи самостојно да извршува задачи, што е императив за ловецот од шестата генерација.
Една од главните придобивки на ова спарување ќе биде зголемувањето на радарско-набљудувачкиот потенцијал на ловецот Су-57, врз основа на кој авионот ќе може да лансира ракета кон цели што се надвор од зоната на дејствување на ПВО на условниот непријател. Имено, бидејќи овие летала ќе бидат вмрежени, С-70 „Охотник“ ќе има задача да се движи пред Су-57 и со помош на својот радар да зафаќа зони кои го надминуваат опсегот на матичниот радар кој е интегриран во леталото од петтата генерација.
Инаку, Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација што го имаат развиени воздухопловните инженери на ОКБ Сухој. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи што можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат кривни борбени дејствија, уништување на најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и за надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командна инфраструктура на непријателот итн.
Посебно внимание на руските воени конструктори е насочено кон изградбата на напредно ракетно вооружување од класата „воздух-воздух“ кое ќе му обезбеди на ова летало остварување доминација во воздушниот простор. Тоа пред сé се однесува на развојот на супераманеварбилните ракети со краток и среден дострел (Р-73/РВВ МД и К-77М/РВВ АЕ), но и на ракетите со голем дострел за напад на цели на далечини над 300 км, како што е Р-37М. Покрај реконфигурацијата на нивните габарити и дизајн, особено внимание му е посветено на развојот на нова генерација ултраотпорни (на средства за противелектронска борба – заб. на прев.) самонаведувачки боеви глави со висока сензибилност.
Употребата на беспилотен дрон кој ќе ги има сите карактеристики на борбен авион овозможува изведување на далеку посложени маневарски фигури отколку во случајот кога со леталото управува човек, кој притоа трпи големо оптоварување кое може да доведе до губење на свеста. Беспилотното летало ќе може да ги извршува своите задачи при големи брзини и нагли промени на правецот на движење, на стратосферски висини, во зоната на поблиската вселена. Едно тактичко ударно одделение може да се состои од 4-6 летала. На пример, преку еден авион Су-57 (кој има улога на команден пункт) може да се управува со група од три до пет беспилотни летала С-70 „Охотник“, што значително ја зголемува нивната вкупна ефикасност. Во случај на компромитација на врската меѓу дронот и командниот пункт (авионот Су-57), сегментот на вештачка интелигенција на секое летало поединечно ќе му овозможи продолжување на самостојно изведување на задачата врз основа на исправниот алгоритам на управување.
Се претпоставува дека С-70 „Охотник“ ќе достигнува маса до 25 тони, што е, на пример, двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Ќе може да оствари суперсонична брзина (околу 1400 км/ч), додека неговата крстосувачка брзина ќе биде во границата на високата супсонична брзина која ќе се движи во вредноста од околу 1000 км/ч. С-70 ќе може да прелета околу 5000 км и достигне висина (плафон на лет) од преку 10000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување. Претпоставката е дека „Охотник“ ќе има способност да понесе до 2,5 тони убоен товар (одделни извори велат дека ударниот дрон ќе може да понесе дури 8 тони бомби и ракети).
Леталото ќе биде направено според технологија која ќе му обезбеди мала радарска рефлексивност-видливост. Основната конструкторска база за изработка на ова летало е концепцијата на тнр. „летачко крило“. Убојното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени спремници, слично како кај ловците од 5 генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали.
Интересно е да се истакне дека на оваа фотографија се наоѓа и ловец-бомбардер Су-34. Ова може да укаже на можноста руските конструктори да работат на потенцијално поврзување на модернизираната верзија на ова летало со тешките ударни беспилотни летала С-70 „Охотник“. Имено, модернизираната варијанта на рускиот ловец-бомбардер Су-34М ќе биде комплетирана до крајот на 2022 година. Најголемо подобрување во однос на постојната верзија на воздухопловот ќе претрпи радарската компонента. Имено, во план е интеграција на нов радар со отворена архитектура, кој во однос на постојниот ќе има зголемени тактичко-технички можности. Покрај овој радар се планира и вградување на нов навигациски комплекс, како и подобрување на системот за индикација на информации во кабината на пилотот. Во август 2019 година Министерството за одбрана на Руската Федерација и компанијата „Сухој“ потпишаа договор за модернизација на Су-34 врз основа на борбената примена на авионот во сириската кампања.
„Сухој“ Су-34 (рус. Сухой Су-34, НАТО Fullback) е тактички повеќенаменски ловец-бомбардер. Развиен е во KБ „Сухој“, а сериски се произведува во Новосибирската фабрика за авиони „Валериј Чкалов“. Неговата примарна намена се бомбардерски задачи, при што со употреба на ракети од класата „воздух-земја“ и авиобомби уништува широк спектар на копнени цели. Благодарение на неговата компатибилност со навистина обемната палета на воздухопловно вооружување, овој авион може да се бори против цели како на море, така и во воздухот.
Во последно време овој авион е зајакнат со современи системи за електронски пречки, што значително ја отежнува позицијата на противникот во евентуален воздушен судир со овој авион, како и непријателските екипажи на средствата за ПВО. Еден од најдобрите авиони на светот во својата класа. Борбено летало со веројатно највисоки оцени во текот на руската операција во Сирија.