Третата руска вакцина против коронавирус што ја развива Центарот за истражување и развој на имунобиолошки препарати „Чумаков“ при Руската академија на науките би требало да биде готова во февруари, изјави професорот Алексеј Егоров, главен научен соработник на центарот и академик на Руската академија на науки, пренесуваат руските медиуми.
„Оваа вакцина се разликува од другите по тоа што не е направена од индивидуални антигени на коронавирус, туку од целиот инактивиран вирус. Затоа таа обезбедува комплетен сет на сите антигени на овој вирус, а тоа дава комплетен сет од сите антитела“, рече Егоров.
Според него, овој препарат, благодарение на оваа одлика, најдобро ќе го заштити организмот од коронавирус. Егоров додаде дека вакцината би требало да биде готова во февруари.
Првата вакцина против коронавирус во Русија беше регистрирана во август. Развиена е во Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Н. Ф. Гамалеја“ и го доби називот „Гам-КОВИД-Вак“ или „Спутник V“. Се работи за векторска вакцина. Таа користи безопасен аденовирус кој пренесува дел од геномот на SARS-CoV-2 коронавирусот до клетките, по што започнува синтеза на протеините и предизвикување имунолошки одговор.
Во октомври беше регистрирана втората руска вакцина против коронавирус, „ЕпиВакКорона“, развиена од Државниот научен центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“ од Новосибирск. Се работи за пептидна вакцина. Таа се состои од вештачки синтетизирани кратки фрагменти на вирусни протеини и пептиди, преку кои имунолошкиот систем се обучува и потоа го препознава и неутрализира вирусот, објасни вицепремиерката на РФ Татјана Голикова.
Двете вакцини ја поминуваат третата и последна фаза на клинички испитувања.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче