Легендарниот советски Т-55 и понатаму најпопуларен тенк во Африка

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND
Конструиран кон средината на 50-тите години на минатиот век, советскиот среден тенк Т-55 и денес е најзастапеното возило од оваа класа на африканскиот континент.

Денес оваа техника, произведена во СССР, како и во Полска и во Чехословачка врз основа на лиценца, и понатаму се користи во повеќе од 25 земји. Според различни процени, во функција се најмалку 2500 тенкови од овој тип.

Најголемиот возен парк го има Египет со преку 800 „педесет и петки“. Познато е дека оваа земја повеќе пати се обиде да спроведе нивна модернизација, како самостојно, така и со помош на западните партнери.

На пример, Германците предлагаа да се зголеми нивната огнена моќ со поставување топ со калибар 105 милиметри, дополнителни оклопи и помоќен мотор. Исто така, требаше да бидат заменети и нишаните. Поради повеќе причини, пред сé поради високите цени, овој проект не се оствари. Иако дел од возилата сепак доби нови топови и средства за комуникација. Подоцна беше зајакната и нивната заштита.  

Алжирската војска продолжува да ги користи 270 тенкови Т-55МВ со „реактивен оклопˮ „Контактˮ.

Либиска Џамахирија за време на Моамер Гадафи набави 2200 примероци Т-55. До денес тенковите кои ги преживеаја борбите во граѓанската војна ги користат како единиците на Владата на национално единство, така и нивните спротивставени сили на фелдмаршалот Хафтар. Вториве неодамна одржаа маневри со учество на овие тенкови.

Т-55 војуваа во Ангола, Конго, Мозамбик, Нигерија, Чад и Етиопија. Интересно е што некои земји имаат само по неколку примероци на тенкот од овој тип, на пример, во Централноафриканската Република има четири, во Екваторијална Гвинеја три, во Того два, а во Лесото само еден тенк.

Со оглед на ситуацијата во Африка, може да се претпостави дека оваа техника ќе остане во состав на вооружувањето уште многу години.