„Алигатори“ испукаа 30 ракети „Виор-1“ врз група непријателски цели (ВИДЕО)

Слободан Ѓукиќ
Руската армија употреби 30 современи противтенковски наведувани ракети 9М127-1 „Виор-1“, дел од вооружувањето на хеликоптерите Ка-52. Тоа е проектил со екстремна брзина на летањето и снајперска прецизност. Нејзиниот ефективен дострел изнесува 8 км, а пробојноста на тандем-кумулативната боева глава се проценува на 1000-1200 мм хомогена челична плоча заштитена со реактивен оклоп. Инженерите на концернот „Калашников“ работат на зголемување на нејзиниот дострел кој ќе достигне 10 км.

Во Краснодарскиот крај борбени-извидувачки хеликоптери Ка-52 „Алигатор“ реализираа боева вежба во која употребија модернизирани противтенковски наведувани ракети 9М127-1 „Виор-1“. Лансирањето беше извршено од висина од 300 метри, а оддалеченоста на целите беше на растојание од 8000 метри. Беа лансирани вкупно 30 вакви ракети.

Како што пренесе информативната служба на Јужниот воен округ, ракетите од овој тип првпат ѝ беа прикажани на јавноста на меѓународниот саем за оружје и воена опрема „Армија -2020“. Тогаш развојната компанија „Калашников“ (влегува во државната корпорација „Ростех“) ја претстави новата противтенковска ракета „Виор-1“, како и противвоздухопловната наведувана ракета 9М333.

Ракетата „Виор-1“ 9М127-1 е наменета за борба против најсовремени основни борбени тенкови и друга оклопна техника и фортификации, воздушни и поморски цели на далечини од 8 км. Може да погоди цели кои се движат со брзина од дури 800 км/ч. Оваа брзина едноставно не може да ги спаси бидејќи ракетата „Виор“ на нејзиниот пат развива суперсонични вредности со брзина од 610 м/сек¹. Според овој параметар, секако станува збор за една од најбрзите противтенковски ракети на светот. Благодарение на подобрената борбена ефикасност на ударниот хеликоптер, самата зона на нејзиното лансирање ја намалува опасноста од непријателски средства за противвоздушна одбрана, пренесува рускиот веб-портал РГ.

Наведувањето на ракетата се изведува со помош на автоматски нишански систем. На оддалеченост од 12 километри од забележаната цел, операторот што работи на комплексот вклучува телевизиско скенирање на теренот.

„Кога следениот објект влегува во зоната на скенирање на целта, системот автоматски ја презема функцијата за зафаќање на целта и на операторот му останува само да го притисне копчето за лансирање на ракетата. Овој модус на гаѓање во пилотскиот жаргон се нарекува „откриј-лансирај-заборави“, вели операторот на борбено-извидувачки хеликоптер Ка-52 Андреј Соколов. Треба да се напомене дека ракетите „Виор-1“ беа тестирани во борбени услови на експлоатација во Сирија.

Комплексот на наведувано оружје „Виор-М“ е составен дел на хеликоптерот Ка-52 „Алигатор“. Овој хеликоптер може да носи до 12 суперсонични ласерски наведувани ракети 9М127-1 „Виор-1“, кои се специјално проектирани за борба против современите тенкови. Пробојноста на тандем-кумулативната боева глава со која е опремена ракетата „Виор-1“ се проценува на 1000-1200 мм хомогена челична плоча заштитена со реактивен оклоп. Ефективната зона на употреба на оваа ракета е од 0,5-8,0 км. Треба да се напомене дека Дмитриј Тарасов, кој ја извршува функцијата прв човек на концернот „Калашников“, неодамна изјави дека ракетните инженери на овој концерн работат на подобрување на самата ракета, што ќе го зголеми нејзиниот ефективен дострел на 10 илјади метри.

Што се однесува до противвоздухопловната ракета 9М333, неодамна заврши една од најважните фази на нејзиното тестирање. „Оваа ракета работи на принцип „истрелај и заборави“, нагласи Тарасов. Станува збор за ракета што како платформа ќе го користи ПВО-системот со краток дострел „Стрела-10М3“. Нејзиниот ефективен дострел ќе изнесува до 5 илјади метри во далечина и 3,5 илјада метри во височина. Ќе се карактеризира со екстремно отпорна пасивна боева глава за самонаведување. Ракетите ќе бидат многу употребливи против беспилотни летала и крстосувачки ракети.

Ка-52 „Алигатор“е борбено-извидувачки хеликоптер кој е наменет за борба против тенкови, оклопна и друга борбена техника, непријателска жива сила, хеликоптери и останати воздушни објекти, на предниот крај на одбраната и тактичката длабочина на фронтот, во сите временски и климатски услови. Опремен е со современа авионика која е во спој со респектабилно вооружување. Го движи  силен мотор са коаксијална елиса што на „Алигаторот“ му обезбедува одлични маневарски карактеристики кои вклучуваат изведување сложени летечки фигури. Покрај тоа, Ка-52 е опремен и со систем за радиоелектронска заштита, апаратура за намалување на топлотната  рефлективност, како и со средства за активна заштита од лесни преносни системи за ПВО.

¹ Нејзината најважна карактеристика е исклучителната брзина која ја постигнува при летањето и која достигнува 610 м/сек. (американскот пандан AGM-114 Hellfire лета со брзина од „само“ 420 м/сек.) За да се објасни сликовито колку е брза оваа ракета, треба да се наведе и брзината на ракетата „Маљутка“ (120 м/сек.) или ракетата 9М111 која се лансира од ракетниот систем „Фагот“ (200 м/сек.).



При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња