„Морскиот убиец“ ги заврши сите етапи на тестирањето: Ка-52К подготвен за сериско производство

Слободан Ѓукиќ
Главните задачи на извидувачко-ударниот хеликоптер Ка-52К „Катран“ се пред сé огнена поддршка на единиците кои изведуваат поморски десант (морнаричка пешадија) и борба против помали бродови. Овој хеликоптер може да се смести на палубата на големите противподморнички бродови од класата 1155, на големи десантни бродови, новата класа патролни бродови, тешкиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“ и перспективните универзални десантни бродови од класата „Прибој“.

Како што изјави за руските медиуми главниот конструктор на Националниот центар за производство на хеликоптери „Мил и Камов“ Сергеј Михеев, програмата за тестирање вклучува задолжително слетување на хеликоптерот на сите нови типови бродови.

„На крајот на краиштата, секој брод е специфичен сам за себе. Тој има посебна конфигурација, аеродинамика, турбуленција. Затоа е многу важно во работниот процес новиот хеликоптер да дојде во контакт со секој брод“, рече Михеев.

Полетната маса на извидувачко-офанзивниот хеликоптер Ка-52К „Катран“ изнесува 12.2 тони. Неговата максимална носивост на товарот е до 2 тони. Хеликоптерот е долг 13.8 метри, ширината (вклучувајќи ги и надворешните крила) е 6.3 метри, Крстосувачката брзина изнесува 250 километри на час, а плафонот на летот изнесува 5.200 метри. Од вооружувањето „Катран“ располага со автоматски топ 2А42-1 со калибар од 30 милиметри, со неуправувачки ракетни зрна С-8, противтенковски наведувачки ракети 9М120-1 „Атака“ или 9А-4172К „Вихр-1“, како и ракети од класата воздух-воздух „Игла-С“.

Главната разлика помеѓу поморската и класичната (копнена) верзија на хеликоптерот Ка-52 е поврзана со механизмот со чија помош се склопуваат лопатките на елисата и крилните конзоли. На овој начин се намалува габаритот на хеликоптерот, што овозможува леталото компактни да се размести на палубата од бродот-носач, или во хангарите.

Поморската верзија има зајакната шасија (за слетување во отежнато метеоролошки услови), а сите главни електронски компоненти и агрегати се премачкани со специјално антикорозивно средство кое е отпорно на високи вредности на влажност во воздухот, салинитетот на водата и слично. Исто така, присутни се и определени разлики во применетата радиоелектронска опрема кај поморската верзија на ова летало.

Претходно врз основа на воената примена на основната верзија на хеликоптерот Ка-52 „Алигатор“ во Сирија беше направен план за негова модернизација. Копнената верзија на хеликоптерот Ка-52М ќе добие напреден оптоелектронски систем со телевизиски и термовизиски камери со висока резолуција во масивна топка која ќе се наоѓа под носниот дел на леталото. Овој комплекс, за разлика од претходните  модели на ОЛС, ќе има способност на поголеми далечини да детектира и распознае потенцијална цел.

Интегриран е дигитален систем кој има задача да ја зголеми прецизноста на нишанењето при употребата на топовите, како и радарски комплекс „Арбалет-52“¹ опремен со активна фазна решетка, а исто така и комплекс за активна заштита од ракети со самонаведувани инфрацрвени глави „Витебск“.

Што се однесува до ракетното вооружување на модернизираниот хеликоптер Ка-52М, тоа ќе биде унифицирано со ударниот хеликоптер Ми-28НМ. На тој начин се отвори техничка можност за уништување на првенствено копнени цели на поголеми далечини. Што се однесува до цевкастото вооружување, тука ќе биде автоматскиот топ со калибар 30 мм, кој ќе има капацитет од 470 гранати. Овој топ ќе биде поставен на предниот дел на леталото. На надворешните носачи хеликоптерот ќе биде во состојба да понесе до 2000 килограми убоен товар.

Претходно Министерството за одбрана на РФ обезбеди финансиски пакет за купување 114 ударни хеликоптери Ка-52 „Алигатор“ од последната модификација. Ова го изјави заменик-министерот за одбрана на РФ Јуриј Борисов. Министерството за одбрана на РФ го интересира исклучиво верзија со максимален пакет опрема и најновото ракетно вооружување што се развива за јуришните хеликоптери. Значи, судејќи според сé, руската војска ќе ги добие хеликоптерите Ка-52М кои во одделни средства за информирање се нарекуваат „Супер-алигатори“ или „Кајмани“. Овие хеликоптери ќе имаат далеку поспособен напаѓачко-навигациски систем, најнов електронски систем за заштита од ракети од класата „воздух-воздух“ и „земја-воздух“, како и поголема носивост на убоен товар што во целина значително ќе ја зголеми неговата тактичка употребливост и ќе го направи уште поубоен. Министерството за одбрана на РФ особено го интересира верзија на хеликоптерот која ќе може да ги користи ракетите со зголемен дострел 9К121М „Виор-М“ и посебно „Гермес-А“ што ќе се обезбеди преку интеграција на најновиот напаѓачко-навигациски блок опрема.

Ка-52 „Алигатор“ (НАТО класификација „Хокум А“) е современ повеќенаменски борбен хеликоптер, дизајниран за борбени дејствија во сите временски услови дење и ноќе. Морнаричката верзија на хеликоптерот ја носи ознаката Ка-52К „Катран“. Дизајнот на хеликоптерот го осмислија воздухопловните инженери од бирото „Камов“ врз основа на претходната верзија Ка-50 „Црна ајкула“. Познат е по коаксиалниот мотор, кој е инаку препознатлив кај семејството хеликоптери „Камов“. Хеликоптерот е опремен и со катапултирачки седишта.

———————————————————————————————————————————

¹Постојат наводи дека модернизираниот хеликоптер Ка-52М ќе ја добие радарската станица од последна генерација „Резец“. Овој радар има фиксна антенска решетка која се состои од 640 примопредавателски модули, што овозможува зголемување на ефективниот домет при детекција и класификација на цели. „Резец“ е во состојба да открие мета со големина на железнички мост на далечина од 100 км, а воен брод на далечини и до 150 км. Група тенкови може да се детектира на далечина до 45 км. Овој радар е во состојба да открие друг хеликоптер на далечини од неколку десетици  километри, додека стандарден авион-ловец, која има рефлексивна површина од три квадратни метри, се гледа на 50 км.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња