„Алигаторите“ наесен со нова оптика: Ракетите „Виор-1“ спремни да го искористат својот потенцијал

Ка-52 „Алигатор“ добива нова оптика

Ка-52 „Алигатор“ добива нова оптика

Виталиј Тимкив/Sputnik
Во план е модернизација на оптоелектронскиот систем ГОЭС-451 кој се наоѓа во специјално куќиште во облик на топка од предната/долна страна на хеликоптерот Ка-52 „Алигатор“. Овој проект треба да заврши до крајот на септември, по што руската армија во свој посед ќе има хеликоптери кои гледаат подалеку и со самото тоа имаат можност максимално да ги искористат ултрабрзите противтенковски ракети „Виор-1“.

Во Русија решија да ги модернизираат борбено-извидувачките хеликоптери Ка-52 „Алигатор“. Оваа информација е објавена на интернет порталот на РИА „Новости“.

Што подразбира модернизацијата на „Алигаторот“? Пред сѐ, во план е да се подобри ефикасноста на противтенковското вооружување. Како ќе се направи тоа? Специјалистите имаат намера да ги модернизираат напаѓачко-навигацискиот систем на хеликоптерот, пред сѐ жиростабилизираниот оптоелектронски систем мод. ГОЭС-451. Оваа модернизација ќе му овозможи на „Алигаторот“ да гледа подалеку, поточно на поголема далечина да ги открие и препознае своите цели.

Конкретно, далечината на откривање на целта со големина на основен борбен тенк во дневен режим по модернизацијата ќе биде зголемена од осум на десет километри, додека неговата идентификација ќе може прецизно да се утврди на далечина до осум километри. Во услови на намалена оптичка видливост (ноќ) термовизиската оптика ќе може да открие цел на далечина до осум километри, додека нејзиното распознавање ќе биде можно на далечини и до пет километри.

Модификацијата на оптоелектронскиот систем ГОЭС-451 треба да се заврши до крајот на септември оваа година, така што наесен ќе видиме „Алигатори“ кои ќе бидат далеку подобри од денешната верзија.

Овој оптоелектронски систем се наоѓа во носниот дел на леталото од долната страна на хеликоптерот и изгледа како топка. Всушност, се работи за заштитна капсула во која се наоѓа исклучително моќен блок на оптика која се состои од ТВ-камера, термовизиски уред, ласерски далечинометар, ласерски нишански уред преку кој се наведуваат наведуваните ракети (ласерски сноп), како и детектор на ласерско зрачење. Со оваа најнова модернизација на оптоелектронскиот систем ГОЭС-451 ќе се зголеми ефикасноста на употребата на наведуваните ракети од класата „воздух-земја“ 9М127-1  „Виор-1“ кои се проектирани за овој тип на хеликоптери.

Комплексот на наведувано оружје „Виор-М“ е составен дел на хеликоптерот Ка-52 „Алигатор“. Овој хеликоптер може да носи до 12 суперсонични ласерски наведувани ракети 9М127-1 „Виор-1“, кои се специјално проектирани за борба против современите тенкови.

Нејзината најважна карактеристика е исклучителната брзина која ја постигнува при летањето и која достигнува 610 м/сек. (американскот пандан AGM-114 Hellfire лета со брзина од „само“ 420 м/сек.) За да се објасни сликовито колку е брза оваа ракета, треба да се наведе и брзината на ракетата „Маљутка“ (120 м/сек.) или ракетата 9М111 која се лансира од ракетниот систем „Фагот“ (200 м/сек.).

Пробојноста на тандем-кумулативната боева глава со која е опремена ракетата „Виор-1“ се проценува на 1000-1200 мм хомогена челична плоча заштитена со реактивен оклоп. Ефективната зона на употреба на оваа ракета е од 0,5-8,0 км.

Прочитајте повеќе: Уште пострашна машина: „Хеликоптери на Русија“ ќе создадат „Супералигатор“!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња