„Во овој момент почна сериското производство на овие летала. Во рамките на планот за опремување на руската армија е планирано производство на 98 летала од новиот тип во наредните 7 години. Првите две летала се веќе склопени и се наоѓаат во фаза на тестирање“, изјави за ТАСС генералниот директор на холдингот „Хеликоптери на Русија“ Андреј Богински, пренесува веб-порталот РГ.
Имено, еден хеликоптер од овој тип се наоѓа во фаза на државни тестирања, додека на второто летало е во тек тестирање на новиот тип лопатки за големи брзини на летање.
Минатата година во оперативните хеликоптерски единици на руската армија почна да влегува модернизираната верзија на ударниот хеликоптер Ми-28НМ, кај која е применет пакет модернизација настанат врз основа на борбеното искуство на леталото Ми-28Н на почвата на Сирија.
Модернизираното летало доби нов мотор, како и авионика со најсовремен напаѓачко-навигациски систем кој има способност за содејство со извидувачки и ударни беспилотни летала. Она што е особено интересно е сериозното техничко унапредување на управувачките функции на хеликоптерот. Имено, инженерите конструираа систем на двојни команди, што драстично го зголемува степенот на преживување доколку дојде до ранување на еден од членовите на екипажот. Во однос на основната верзија на „Ноќниот ловец“ двојно е зголемена зоната на откривање цели и подобрени се маневарските способности на леталото, интегриран е посилен мотор и додадено е високопрецизно вооружување со зголемен дострел и пробојност.
Еден од новитетите е верзијата на ракетата од класата „воздух-земја“ „Хризантема“ која со висок степен на прецизност може да далечини поголеми од 6000 метри да уништи точкеста цел. Нејзината боева глава може да пробие речиси 1,2 метри хомоген оклоп.
Исто така, се работи и на ракета „Хермес-А“ со ефективен дострел од 25 км. Ракетата може да се користи во сите услови, без оглед на времето и метеоролошката ситуација. Нејзината основна намена е хируршки прецизно да уништи широк спектар копнени цели кои се наоѓаат на големи далечини. Поради својата силна боева глава ракетата може ефикасно да се употреби против армирано-бетонски објекти кои непријателот ги користи за прикривање, како и неговата оклопна борбена техника. Се претпоставува дека ракетата ќе има суперсонична крстосувачка брзина и дека ќе има пробојност од рангот на ракетите „Атака“ или „Хризантема“.
Прецизноста на нејзиното дејство го обезбедува употребата на комплексот БИНС (инерцијален навигациски систем) кој пред самото лансирање на ракетата ги зачувува и пресметува сите податоци за „зафатената“ цел. Екипажот на хеликоптерот Ми-28НМ ќе ги добива податоците за целта на нападот со посредство на различни средства, вклучувајќи го и системот ЕСУВ (единствен систем за командување).
Ракетата ќе биде опремена со камери со висока резолуција поврзани со современ уред за примопредавање, кој преку тв-каналот ќе обезбеди континуирана слика за операторот во кабината на хеликоптерот. Овој канал ќе има висока отпорност на попречување благодарение на системот за заштитена информационо-командна линија.
Ова летало за разлика од основните модели има подобри перформанси кога е во прашање крстосувачката и максималната брзина. Леталото е дополнително оклопено, што ја зголеми неговата тежина. Сите овие технички измени му овозможуваат на модернизираниот хеликоптер Ми-28НМ решавање широк спектар задачи, од операции за воздушно извидување па сé до уништување копнени и воздушни цели.
Руската армија планира до крајот на 2027 година да набави 98 модернизирани ударни хеликоптери Ми-28НМ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче