Советското „чудовиште” заврши насукано на брегот на Каспиското море

Sputnik
Невидлив за радарите и многу брз, екранопланот беше застрашувачка машина сé додека не заврши како отпад.

Рускиот покривопокривач и блогер Виталиј Раскалов неодамна пронајде советско летало кое за движење го користи ефектот на тло (засилена пловност при движење на мала висина) како чмае напуштено на брегот на Каспиското море во Дагестан.

„Екранопланот лежи на стомак на дива плажа и се топи во вода, затоа што е оштетен при транспортирањето на сегашната локација. Се надевам дека екранопланот „Луњ“, единствениот од овој вид, ќе остане недопрен и дека крадците нема да го растурат“, запиша блогерот на својот профил на „Инстаграм“.  

Следачите на Раскалов велат дека екранопланот ги потсетува на вонземјански вселенски брод поради оригиналниот облик и многу необичниот дизајн.

Навистина, „Луњ“ не е вообичаена глетка. Има џиновски димензии: долг е 74 метри, а висок 19 метри. Го движат 8 турбомлазни мотори, а во состојба е да носи шест противбродски крстосувачки ракети. Додека беше во употреба, можеше да достигне брзина на крстарење од 550 км/ч, што е невозможно за ниеден друг постоен тежок брод.

Во суштина „Луњ“ беше хибрид на брод и авион: овој „пловечки авион“ користи крила за да создаде пловност под трупот доволно силна за да го крене на минимална висина од само неколку метри, што му е доволно да лета над водената површина. Со самото тоа тој можеше да слета на која било површина без писта.

Примарната намена на овој авион беше примена во борба против непријателски носачи на авиони, затоа што се сметаше дека способноста на екранопланот да лета близу површината на водата или копното ќе го направи ова летало невидливо за непријателските радарски системи.

Екранопланот беше проектиран од Централното конструкторско биро за бродови на подводни крила во 80-тите години од минатиот век. Единственото возило од овој тип беше спуштено во вода 1986 година, три години по почетокот на работата на проектот.

„Луњ“ најпрвин беше префрлен во Касписката флотила на руската Воена морнарица заради тестирања на терен. Меѓутоа, распадот на Советскиот Сојуз 1991 година ги затекна инженерите и војската неподготвени. Тестирањата беа прекинати, екранопланот исфрлен од составот на војската и одвлечен во градот Дербент во Дагестан.

На оваа снимка можете да видите колку е „Луњ“ огромен во споредба со бродовите кои го одвлекоа на неговата сегашна локација:

Првично беше планирано екранопланот „Луњ“ да биде користен како експонат во некој иден парк, но тоа беше откажано, така што оваа уникатна машина денес почива без никаков надзор на брегот на Каспиското море, вели Раскалов, кој ја фотографираше.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња