Рускиот производител на снајперски пушки „Лобаев Армс“ на јавноста ѝ презентираше „придушени“ варијанти на висококвалитетно стрелачко вооружување од својата палета производи што ги користат руските специјални единици во борбите против терористите на Исламската држава во Сирија. Овие новитети се претставени на крајот од август 2020 година на Меѓународниот саем на современо вооружување и воена техника „Армија-2020“ која се одржа во Московскиот регион, Русија.
„Направивме нечујна верзија за нашите модели пушки DXL-3 и DVL-10. Првиот модел на пушката е наменет за употреба во единиците на ГРУ кои дејствуваат во Сирија (елитата меѓу руските специјални единици), додека втората е наменета за антитерористичките единици на ФСБ кои своите операции главно ги изведуваат во урбана средина“, изјави главниот инженер на компанијата „Лобаев Армс“, Јуриј Синичкин.
Техничките модификации кои се подготвени на овие пушки го прикриваат одблесокот по пукањето и значително ги намалуваат децибелите на звукот кои се последица од него. Токму ова беше еден од најголемите проблеми на снајперските пушки со ваков калибар, зашто силата на куршумот предизвикува силен тресок која може да се чуе на километри наоколу. Ова значително ги намалуваше тактичките можности на ангажираниот снајперист кој по дејството мораше брзо да ја напушти својата положба зашто во спротивно непријателот брзо ќе го лоцираше.
Значи, поседувањето квалитетен придушувач за снајперска пушка која користи куршум со калибар .338 ammo е од есенцијално значење за стрелецот, кој во борбените мисии ќе му го продолжи животот.
„Моделот DXL-3 претставува ултрадолго оружје кое е креирано да елиминира цели на оддалеченост и до 1.800 метри (1.12 милји). Кај неа се применети современи материјали на база на алуминиумски легури и челик со исклучителна цврстина. За време на нејзиното произведување главен императив беше изработката на квалитетни и совршено прецизни делови“, напоменува Синичкин.
Тресењето на пушката за време на пукањето е компаративен со големината 6РРС или помалку, што на стрелецот му создава комфорни услови за гаѓање цели на големи далечини. За снајперската пушка DXL-3 компанијата „Лобаев Армс“ има направено нов обртно-затнувачки затворач – DUKE, кој е направен според примерот на KING семејство, веројатно најмоќната снајперска пушка на денешницата СВЛК-14 „Сумрак“.
„Пушката има добиено нов кундак што се склопува, а кој овозможува поголема ергономичност во текот на нејзината употреба. Треба да се истакне дека пушката користи масивна цевка направена од најквалитетен челик со должина од 740 милиметри која ѝ овозможува прецизност од 0.35 МОА (потенцијално вртење на куршумот во вредност од 10.5 милиметри на дистанца од 100 метри)“, нагласува главниот инженер на компанијата.
Пушката е мошне отпорна на експлоатација во сложени климатски услови, односно без никакви намалувања на своите техничко-тактички способности работи во опсег од -45 од +65 степени Целзиусови.
Сличен пакет на технички модификации е применет и на снајперската пушка DVL-10 која е специјално проектирана за снајперски дејствија во урбани услови,
„Лобаев Армс“ и за овој модел пушка има конструирано посебен придушувач кој има задача да ја намали бучавата за време на нејзиното дејствување во специфично опкружување со голем број станбени објекти и останата бетонска инфраструктура.
Таа практично и да нема повратно тресење во споредба со своите конкуренти. Како што појасни Синичкин, за време на конструкцијата на оваа пушка консултиран е и тим биомеханичари кои имале задача да проектираат модел оружје кој ќе обезбеди непрекината врска на стрелецот со својата жртва (линија на огнот) за време на интензивно дејство.
„Секој произведен примерок од ова оружје има минато огромен број тестови кои ги имаат реализирано професионални стрелци. Отстранети се практично сите недостатоци кои се појавиле притоа, така што оружјето станало едноставно перфектно. Тимот биомеханичари особено внимание има посветено на изработката на анатомски беспрекорна дршка за што поквалитетно држење на оружјето (ова е еден од клучните фактори на прецизноста на пушката), вели водечкиот инженер на компанијата „Лобаев Армс“.
Благодарение на овие иновации снајперската пушка DVL-10 постигнува резултати од само 15 милиметри отстапување од целта на оддалеченост од 100 метри.
Компанијата работи на нова генерација снајперски пушки кои ќе овозможат неутрализирање на целите на оддалеченост и до вртоглави 7 илјади метри. Овој модел хипердалекустрелно стрелачко вооружување/снајперска пушка ја носи ознаката DXL-5, и за неа на нашиот сајт се објавени неколку материјали.
Самата компанија ќе продолжи своето оружје да го продава во странство, но засега нема намера да отвора свои производни погони во други држави, освен во Русија. „За ваквите нешта може да се дискутира. Ние можеме да произведуваме различни делови и модификации на нашите пушки во земјите кои се заинтересирани за соработка. Сепак, сè уште е многу рано да се зборува за евентуално отворање комплетен производствен погон надвор од Русија“, вели Јуриј Синичкин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче