Како изгледа бесшумниот АК-9

Јуришна пушка АК-9

Јуришна пушка АК-9

Macaque123 (CC BY-SA 4.0)
Ова оружје лесно го уништува непријателот на дистанца од 400 метри, но така што „пукачот“ останува незабележан.

Автоматот „Калашников“ е основното оружје на руската армија и спецназот уште од крајот на 1940-тите. Се прослави со својата сигурност затоа што функционира беспрекорно на дожд и снег. Сега конструкторите на концернот „Калашников“ одлучија да покријат нов сегмент на пазарот на бесшумно оружје.  

Недостатоци на моделите од претходните години

Од крајот на 1980-тите руските специјални единици во својот арсенал имаат две пушки со вграден придушувач. Тоа се ВСС „Винторез“ и АС „Вал“. Двете се предвидени за цели оддалечени најмногу 400 метри.

Меѓутоа, за триесет години користење констатирана е цела низа недостатоци, така што оружарите дојдоа до идеја да направат нова верзија на ова оружје која треба да ги замени претходните модели.

„Вал“ и „Винторез“ можат да испукаат максимално по 5000 куршуми. Со други зборови, по неколку илјади истрели пушката повеќе не е за употреба и треба да се замени со нова поради замор на материјалите на одделни механизми. Тоа е, благо кажано, непријатен факт, затоа што во текот на еден тренинг се испукуваат најмалку 300 куршуми. Со други зборови, по два месеци тренинг човек мора да пишува барање за нова пушка“, изјави за порталот Russia Beyond извор во вооружените структури на РФ кој посака да остане анонимен.

Според него, оружјето не може да работи без придушувач, а конструкцијата има цела низа мали делови кои лесно се губат при чистење и расклопување.

Од друга страна, соговорникот на порталот Russia Beyond вели дека ВСС „Винторез“ и АС „Вал“ и покрај споменатите недостатоци се прифатлива преодна варијанта меѓу класичниот автомат „Калашников“ (АК) и снајперските пушки. Поради тоа, без оглед на техничките пропусти, со помош на овие пушки ефикасно можат да се неутрализираат непријателски цели на зададена дистанца од 400 метри.

„На пример, ефективниот дострел на АК со калибар 5,45х39 мм не може да биде поголем од 250-300 метри. Снајперските пушки со најмалиот калибар .308 Win погодуваат цел оддалечена 500-600 метри, но таква пушка чини најмалку неколку илјади долари, па не може секоја единица во Русија да си дозволи да има такво оружје“, додаде тој.

АК-9

Поттикнати од сите тие пропусти, како и од забелешките на луѓето кои ракуваат со наведеното оружје, оружарите направија нова бесшумна и истовремено компактна пушка за незабележливо уништување цели. Тоа е автоматот АК-9 со специјален куршум 9х39 мм за бесшумна стрелба. Наведената муниција пробива панцирен елек со втора класа на заштита и неоклопна воена техника на дистанца од 400 метри.  

Технички гледано, АК-9 се надоврзува на класичната конструкција на АК-74М. Главната разлика меѓу овие два модела е во тоа што АК-9 има пократок гасен цилиндар и пократка цевка. Предноста на новиот автомат е во новиот супсоничен куршум 9х39 мм кој според борбените карактеристики е полош од куршумот за АК-74М, но затоа не прави врева и не ствара пламен, за разлика од калибарот 5,45х39 мм.

Во долниот дел на АК-9 се предвидени носачи на потцевен фрлач на гранати, како и на ласерски обележувач на целта и тактичка лампа. На левата страна на сандакот со ракофатот се наоѓа фабрички вградена шина за монтирање оптички колиматорски и ноќни нишани.

За разлика од ВСС „Винторез“ и АС „Вал“, новиот автомат може да се користи со придушувач и без него. Претходните модели имаа само  варијанта со придушувач. Муницијата се уфрлува во цевката од одвоива кутиеста рамка во која собира 20 куршуми.

АК-9 има поединечен и автоматски режим на стрелба, што значи дека тука нема никакви новитети како селекторот за стрелба two-shot burst на новиот АК-12.

Сега автоматот е во конечна фаза на доработка по експерименталната експлоатација во единиците за специјална намена на територијата на Русија. Моделот може да биде претставен на јавноста на претстојниот форум „Армија 2020“ во Подмосковје кон крајот на август 2020 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња