Бродскиот екипаж на ракетната фрегата „Адмирал Макаров“ одби воздушен напад на условниот непријател во Средоземното море, соопшти информативната служба на Црноморската флота (ЧФ).
Според сценариото на вежбата, дежурниот екипаж кој на ракетната фрегата ги опслужува противвоздухопловните системи (ракетниот систем „Штиљ-1“ со ракети 9М317 ЗРК „Бук“), открил непријателски борбен авион кој му се приближуваше на бродот. Екипажот кој управува со радарските и огнените единици на бродот потоа ги изврши сите тактички дејства за одбивање на овој напад.
Целта е детектирана и следена до моментот кога влезе во ефективниот дострел на ракетното вооружување што се наоѓа на бродот. По неа е дејствувано со противвоздухопловни ракети кои се истрелани електронски, се наведува во текстот што го пренесува рускиот веб-портал „Интерфакс“.
Во акваторијата на Средоземното море на постојано дежурство се наоѓаат бродови на руската Воена морнарица. Во овој момент руската ескадра во овој дел на светот ја сочинуваат 10 воени бродови и пловила за поддршка.
Ракетната фрегата „Адмирал Макаров“ од јуни оваа година се наоѓа во водите на Средоземното море, каде што во рамките на поморската борбена група на ВМФ на Руската Федерација ги решава сите задачи што се поставени пред неа. Еден од нејзините главни адути е токму бродот „Адмирал Макаров“, поточно класата ракетни фрегати 11356 „Буревесник“ (Кодификација НАТО Krivak V).
Главна карактеристика на овие бродови е способноста за удар по непријателски цели кои се наоѓаат на големи дистанци – со крстосувачки ракети „Калибар“ (1-2 модули со 8/16 ракети) и противбродски суперсонични ракети „Оникс“ (8).
Покрај ударно оружје, класата „Буревесник“ е опремена и со современиот противвоздухопловен комплекс „Штиљ-1“ кој го чува бродот од сите видови воздушно оружје во пречник до 50 км. Во основата на овој комплекс се наоѓа модернизираната ракета 9М317 ЗРК „Бук“ која се лансира од ракетните модули кои се вертикално вклопени во трупот на бродот. Ракетата не се лансира од носачи, како што е случај со копнената верзија на ракетниот систем „Бук“, туку вертикално се катапултира од спремникот по што се пали ракетниот мотор (сличен принцип на лансирање имаме кај ракетните системи С-300, С-400, „Тор“). Со ова решение се доби можност комплексот да дејствува во радиус од 360 степени околу бродот, но и да се зголеми бројот на ракети во борбените спремници (36).
Без оглед на прекинот на воено-техничката соработка со украинските претпријатија кои се занимаваат со производство на дизел-електрични гасни турбини што ги движат овие бродови, руската воена индустрија се прилагоди на новонастанатите околности и почна самостојно да ги произведува овие моќни агрегати кои генерираат сила од неколку десетици илјади коњски сили. Согласно ова, новата група бродови од проектот 11356M ќе биде опремена со мотори кои ќе ги произведува руската компанија специјализирана за производство на гасотурбински погонски агрегати „ОДК-Сатурн“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче