Првиот руски хеликоптер од лукс-класата „Ансат Aurus“ ќе му биде испорачан на купувачот годинава

Хеликоптери на Русија / Ростех
Од „Ростех“ истакнуваат дека се наоѓаат во поодминати преговори со неколку купувачи.

Државната корпорација „Ростех“ планира да му го испорача на купувачот првиот хеликоптер од лукс-класата „Ансат Aurus“ во текот на оваа година, изјави во интервјуто за новинската агенција ТАСС заменик-директорот на „Ростех“ Владимир Артјаков.

„Во овој момент се наоѓаме во завршна фаза на преговорите со неколку купувачи, а првиот хеликоптер планираме да го испорачаме веќе годинава“, рече тој. Артјаков додаде дека на почетокот на годината „Ансат Aurus“ успешно ја поминал серијата летечки тестирања по што „Росавијација“ ги одобрила измените во сертификатот на хеликоптерот, одобрувајќи користење во наведената модификација.

„Кога се во прашање производствените планови, хеликоптерите во кои спаѓа „Ансат Aurus“ во целиот свет се третираат како уникатна и ексклузивна роба. На него не можат да се променат методите за планирање на продажбата кои се однесуваат на големи серии. Затоа обемот на производство во голема мера ќе зависи од потребата и желбата на купувачите“, нагласи Артјаков.

Министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров претходно изјави дека планираната годишна продажба на хеликоптери „Ансат“ од 2021 година ќе се движи во распон од 20 до 25 единици.

На минатогодишниот меѓународен авиокосмички салон МАКС, одржан во август во подмосковскиот град Жуковски,  беше претставен хеликоптер „Ансат“ чија внатрешност е со зголемен комфор, реализирана во стилот на автомобилите од марката „Аурус“. Проектанти се стручњаците на холдингот „Хеликоптери на Русија“ и Научноистражувачкиот автомобилски и автомото институт НАМИ. Модификацијата е ориентирана кон пазарот на корпоративниот и ВИП-превоз.

Лесниот двомоторен повеќенаменски хеликоптер „Ансат“ го произведува Казањската фабрика за хеликоптери од 2013 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња