На Далечниот Исток на Русија пронајдена риба-монструм наречена алеписаурус (ФОТО)

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Вработените во природниот резерват „Командорски“ пронајдоа на брегот на Беринговиот остров вистинско морско чудовиште со уста полна со долги и остри заби. Алеписаурусот достигнува должина до 215 см!

Видот е првпат опишан 1741 година од страна на учесникот на Втората камчатската експедиција Георг Стелер. Името алеписаурус (Alepisaurus ferox) го добива 1811 година, откако видот е проучен од познатиот истражувач на фауната на далекоисточните мориња Петар Палас.

Рибата достигнува должина од 215 см, тежина до 9 кг, има заби долги 3 см и висока грбна перка. Брза е, силна, благодарение на сплоснатото витко тело и тесната издолжена глава. 

Преку лето може да се сретне во водите на Далечниот Исток на Русија, иако нејзиното живеалиште се морињата во тропската и суптропската клима, меѓутоа алеписаурусите пливаат и далеку на север, до Гренланд, Исланд и Беринговото море.

Познато е дека алеписаурусот јаде риби од својот вид, односно тоа е риба-канибал, дека е хермафродит и дека обично може да се најде на длабочина од 1000 метри. Во далекоисточните води Русија, според процената на научниците, има околу половина милион алеписауруси.