Рачниот ракетен фрлач „Шмељ“ (мак. Бумбар) е рачно пешадиско оружје кое во руската класификација претставува вид пламенофрлачко средство. Производител на ова оружје е конструкторскиот завод КБМ Коломна. Првите верзии на „Бумбар“ беа воведени во Вооружените сили на СССР кон крајот на 80-тите години на минатиот век. Припаѓа на видот оружје за еднократна употреба.
Користи три типа проектили:
РПО-А е проектил со термобаричка боева глава. Неговата основна намена е уништување на жива сила распоредена по фортификации (делумно или целосно рушење на точки на отпор – куќи, делови на станбени згради и сл.). Овој проектил има ефект на хаубичка граната со кал. 152-155 мм, така што неговата разорна моќ е импресивна.
РПО-З е напалм проектил и неговата основна намена е со високата температура што ја развива при детонацијата да ја спржи целта и сé што е внатре во неа, и
РПО-Д е ракета чија првична цел е да направи чадна завеса, т.е. да ги маскира движењата на пешадијата, тенковите од дејството на непријателот.
Тактичко-технички карактеристики:
Калибар: 93 мм
Должина:
- Лансер: 920 мм
- Ракета: 700 мм
Тежина: Ракета со лансер: 11 кг
Комплет од 2 лансера: 22 кг
Дострел: Минимум: 20 м Максимум: 1000 м
Брзина на ракетата: 125 ±5 м/сек
Модификации
Основната верзија на овој пламенофрлач е модифицирана во верзијата „Шмељ-М“ и првпат е прикажана на саемот на оружје и воена техника Eurosatory 2006. За разлика од основната верзија, верзијата со префикс М според габаритите е полесна и има помал калибар од 90 мм. Ракетата е унапредена, особено нејзините перформанси, како и боевата глава што ја носи. Максималниот дострел на модернизираната верзија е речиси удвоен и изнесува скоро 1700 метри.