„Основната замисла е таква што куполата на падобранот со слободните јажиња ќе се наоѓа во десантната платформа (хеликоптер), а не во падобранскиот ранец. Падобранците со полна борбена опрема со основното вооружување ќе влезат во хеликоптерот и ќе остварат цврста врска со интегрираните системи внатре во леталото“, изјави за РИА „Новости“ советникот на директорот на холдингот Сергеј Хурсевич. Притоа тој рече дека овој систем за десантирање сé уште никој во светот го нема применето.
Куполата на падобранот ќе биде спакувана во посебна вреќа која се наоѓа над секој падобранец на специјална гондола внатре во воздушната платформа. При напуштањето на леталото падобранецот со својата тежина ја активира оваа вреќа од која излегува куполата на падобранот, која практично веднаш се отвора.
Падобранскиот систем „Штурм“ во овој момент се наоѓа на фабричко тестирање. По завршувањето на овие тестови ќе отпочне фазата на државни тестирања, и ако сé заврши успешно, се очекува негово усвојување во оперативна употреба на единиците за специјална намена. Падобранот го тестираат специјалисти на концернот „Технодинамика“, кои притоа користат и адекватни воздушни платформи.
„Се работи за уникатен падобрански систем кој овозможува моментално влегување на десантираните трупи во битка“, нагласува Хурсевич, а пренесува веб-порталот РГ.
Самиот падобран овозможува операцијата на десант да се изведе далеку пофлексибилно. Сите етапи на падобранскиот скок се изведуваат далеку поедноставно кога е во прашање класичниот падобран. И она што е најважно, ваквиот начин на изведување воздушен десант има големо влијание врз самата тактика на борбените дејствија, затоа што десантираните сили практично веднаш се вклучуваат во битка.
Треба да се напомене дека врз основа на богатото воено искуство во Сирија (и на Кавказ) руската армија одлучи да тргне во формирање нов тип единици за брза реакција кои ќе се одликуваат со исклучителна подвижност на фронтот и голема огнена моќ. Во прашање се аеромобилни групи кои квалитативно ќе ги надградат механизираните пешадиски единици на руската армија. Поточно, тие ќе станат нивна специјална компонента. Токму во вакви специјализирани единици со екстремно голема мобилност падобранскиот систем „Штурм“ ќе ја најде својата примена.