Руски научници направија од дронови летечки 5G антени

Анатолиј Ломохов/Global Look Press
Стручњаците од Томскиот политехнички универзитет заедно со колегите од Катар направија систем што се монтира на дронови и овозможува беспилотните летала да се користат како 5G антени.

Ова во средата, 20 мај, за агенцијата ТАСС го соопшти универзитетската информативна служба.

Проектот на руските и катарските научници им овозможува на дроновите да го споделуваат 5G сигнал и истовремено да вршат далечинско полнење на акумулаторот. Како што се истакнува, енергијата и податоците ќе се пренесуваат по пат на радиобранови, со тоа што тежината на леталото ќе остане иста. Се очекува дека таквите беспилотни летала ќе бидат искористени за проширување на зоната што ја покрива 5G сигналот, како и за пренос на сигнали за време на манифестации и други настани кои подразбираат масовен собир на луѓе, а исто така и на места каде што не е можно да се постави кула.

„Цената на производството им е ниска, а флексибилноста и мобилноста висока. Тоа се предностите на овие системи на беспилотни летала во споредба со стационарните базни станици“, истакна Таринду Перер, еден од авторите на проектот. Според него, таквите дронови ќе можат да се користат во акции поврзани со отстранување на последиците од катастрофи во сферата на јавната безбедност, како и за спасувачки операции.

Порастот на бројот на руски проекти и патентирани пронајдоци е предвиден со националниот проект „Наука“ кој во Русија треба да биде реализиран до 2024 година. За негова реализација ќе бидат издвоени преку 625 милијарди рубли. Во рамките на овој проект е предвидено да се основаат во Русија 15 научнообразовни центри од светски ранг, да се воведат во експлоатација научни инфраструктури од класата „Меганаука“ (MegaScience) и да се формира интегрален систем на обука на научни и научнообразовни кадри.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња