Русија успешно го „реинкарнираше“ најмоќното артилериско оружје од времето на СССР (ВИДЕО)

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Овие челични „грдотии“ се направени со основна задача на далечина од 50 километри да изведат масовен артилериски удар на тактичко нуклеарно оружје и на тој начин комплетно да ја уништат копнената компонента на агресорската воена сила кој се наоѓала во длабочината на фронтот.

Кон крајот на април годинава руската армија ги доби првите три контингенти тешко артилериско оружје 2С7 „Пион“ со муниција со калибар од 203 милиметри кое може да биде опремено и со нуклеарни боеви глави.

Ова оружје е дизајнирано за да создаде „пекол на земјата“ со помош на масовна употреба на нуклеарни боеви глави. За време на таканаречената Студена војна единиците на советската армија опремени со ова „чудовиште“ беа распоредени на западните граници на земјата како средство за нуклеарно одвраќање.

Самоодното артилериско оружје „Пион“ ги користи најголемите проектили на светот. Без оглед на нивните големи габарити, топот може да испрати на оддалеченост и до 50 километри зад линијата на непријателскиот фронт. Оваа муниција вклучува гранати од различен тип.

Најмногу се користат разорните гранати, како и проектилите од активно-реактивен тип. Првите имаат маса од цели 110 килограми од кои на експлозивното полнење отпаѓаат 17.8 килограми. Оваа граната може на местото на експлозијата да ископа кратер длабок 5 метри.

Активно-реактивната верзија на овој проектил има нешто помала маса (103 килограми со 13.8 килограми експлозивно полнење). Меѓутоа, самиот проектил има поголема прецизност за време на своето дејствување во однос на стандардната муниција. Оваа муниција кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век доби ласерски систем за навигација, каде во понатамошниот нејзин развој (како што истакнува Дмитриј Сафонов, поранешен воен аналитичар на весникот „Известија“) има претрпено низа подобрување, и сега им одговара на стандардите за прецизност кои се карактеристични за 21 век.

„Тоа се скапи 'играчки' кои исклучиво се користат кога се бара прецизен погодок. Оваа муниција главно се користи за време на гаѓањето на непријателските командни места, магацини со вооружување и други цели кои имаат големо значење. Во специјални ситуации, кога нашата команда знае каде точно се наоѓаат целите од висок приоритет може да се употреби муниција со тактички нуклеарни боеви глави кои успешно можат да уништат високозаштитен објект кој се наоѓа под земја“, истакнува Сафонов.

Кога и зошто е создаден тешкиот артилериски систем „Пион“?

Според главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски, Русија решила да ги „реинкарнира“ овие челични „грдотии“ во екот на најтешката економска криза по неодамнешната промена во американската воена доктрина која предвидува Вашингтон да може да употреби нуклеарни боеви глави со „мала сила“ во идните воени конфликти.

„Проектилите со 'мала сила' се всушност синоним за тактичко нуклеарно оружје. Овој вид воена технологија е развиена кон средината на 20 век. Меѓутоа, по воведните тестирања од неа се откажале, зашто муницијата имала погубен ефект не само врз непријателот, ами и врз оној што ја употребува. Денес ситуацијата е сменета. Вашингтон им дозволи на своите единици ваквиот вид вооружување да ги применува во своите операции. Русија на оваа промена изреагира со „реинкарнација“ на тешкото оружје кое и за време на конструирањето е замислено како проект за „тактичко нуклеарно одвраќање“, заклучува Мураховски.

Според рускиот воен експерт, САД имаат оружје кое е аналогно на рускиот „Пион“. Станува збор за оружјето М-65, познато како „Атомската Ени“, каде по неговото појавување СССР успеа да конструира оружје кое во полн капацитет ќе одговара на неговата ударна моќ на фронтот.

„Интересно е да се спомене дека овие два артилериски системи никогаш не биле употребени на бојното поле. Една деценија откако е конструиран и ставен во вооружувањето, „Пион“ е вратен во воените магацини каде „чмаеше“ цели 20 години, сè дури не беше донесена одлука за негова модернизација и враќање во оперативниот состав во согласност со идните закани“, потсетува Мураховски.

До крајот на Советската ера воената индустрија за потребите на армијата произведе речиси 500 единици тешко артилериско оружје „Пион“. Постои техничка можност сите 500 оружја во следните неколку години да се подигнат на современи стандарди (2С7М „Малка“ – заб. прев.) и во полн капацитет да се вратат во единиците на руската армија.

На модернизираното самоодно оружје 2С7М „Малка“ заменета е трансмисијата, механизмот за дистрибуција на сила и напонскиот агрегат. Покрај тоа, во целост е заменета опремата која се наоѓа на оружјето. Инженерите од компанијата „Уралтрансмаш“ интегрираа современа опрема за комуникација меѓу екипажот, опрема за прием и за обработка на податоци, радиостаница, задолжителен комплекс системи за противнуклеарна заштита и комплекс за надзор.