Жешко над Медитеранот: руски Су-35 прелета пред „Посејдон“ на далечина од само 8 метри

Виталиј В. Кузмин
Американската Шеста флота, во чиј состав се наоѓа и P-8A „Poseidon“, го оцени овој потег на рускиот пилот како крајно небезбеден, додавајќи дека нивниот пилот со ништо не ја испровоцирал ваквата реакција. Имено, екипажот на американскиот авион по шокантната средба со рускиот ловец Су-35 се пожали и на бранот турбуленција кој уследи потоа.

Руски авион-ловец Су-35 од генерацијата 4++, кој веројатно го претставува квалитативно најдоброто борбено летало што се наоѓа во оперативна употреба на руската армија, прелета на само 25 стапки (помалку од осум метри) пред американски патролен авион P-8A „Poseidon“. Ова го соопшти информативната служба на американската Шеста флота.  

Според информациите кои на медиумите им ги достави американската војска, инцидентот се случил во средата, 15 април, во меѓународниот воздушен простор над Средоземното море.

„Ние оваа средба ја оценуваме како небезбедна, затоа што Су-35 при голема брзина на движење изведе маневар пред нашиот авион на само 25 стапки оддалеченост, по што пилотите и екипажот се доведени во опасност“, се наведува во соопштението што го пренесува РИА „Новости“.

Екипажот на американскиот авион по шокантната средба со рускиот ловец Су-35 се пожали и на бранот турбуленција кој уследи потоа.

Шестата флота го оцени ваквото однесување на руските пилоти како „неодговорно“ и ја повика Русија „да се држи до меѓународните стандарди кои се воспоставени за да се избегнат слични инциденти“. Притоа се додава дека американскиот авион дејствувал согласно меѓународното право и дека со ништо „не ја испровоцира ваквата реакција на рускиот авион“.  

Во руското Министерство за одбрана не го коментираа ова соопштение на американската Шеста флота. Неодамна информативната служба на военото министерство неколку пати повтори дека сите мисии во кои учествуваат руски авиони строго се придржуваат до меѓународните правила кога е во прашање движење во меѓународниот воздушен простор. Воздушните граници на суверените држави притоа не се нарушуваат.

Су-35С длабоко модернизиран супермневарбилен повеќенаменски ловец од генерацијата 4++ кој е конструиран со помош на технологии од петтата генерација. Небесниот крстосувач го карактеризира  многу квалитетна авионика која за основа користи комплексен компјутерски информационо-команден систем, нов радар, мотори АЛ-41Ф1С со плазмен систем на согорување со зголемена сила и управливи вектори на потисок. Овие мотори според своите карактеристики можат да се применат и на ловци од петтата генерација, затоа што обезбедуваат надзвучна брзина без дополнително согорување. Максималната брзина на авионот е 2500 км/час, додека оперативниот долет достигнува 3400 км. Су-35 е вооружен со воздухопловен топ со калибар 30 мм, а на леталото има уште 12 точки за бомби и ракети кои се мерат во тони.

„Боинг“ П-8 „Посејдон“ (Boeing P-8 Poseidon) претставува патролен противподморнички авион, развиен по барање на нарачателот кој бараше повеќенаменски авион за операции на море (multimission maritime aircraft, скр. MMA). Неговата основна намена е детекција и уништување на непријателски подморници во зоната на патролирање, потоа извидување, учество во борба против површински пловила и спасувачки мисии. Со таа цел авионот може да понесе до девет тони убоен товар (пет внатрешни и шест надворешни отсеци за закачување на товарот) кој се состои од крстосувачки ракети AGM-84K „Харпун“, малогабаритни торпеда Mark 54, морски мини, длабочински воздухопловни бомби. Овој авион подеднакво ефикасно може да се употреби над крајбрежни води, но и над отворени океани. Претпоставката е дека војската на САД во својот состав има околу 90 оперативни авиони П-8 „Посејдон“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња