„Стручњаци на компанијата „Роснефт“ и националниот парк „Рускаја Арктика“ (Архангелска област) во склоп на заедничкиот проект „Чист Арктик“ пронајдоа бактерии врз основа на кои би можел да се развие нов препарат наменет за чистење на земјиштето од нафтени деривати. Бактериите имаат уникатна способност да разградуваат деривати на нафта на ниски температури, од два до шест степени“, се наведува во соопштението.
Како што се истакнува, микроорганизмите се откриени при земањето примероци на загадената почва на островот Земјата на Александар, каде до 2015 година беа складирани гориво и масла. На тој простор подземните води формирале таканаречени „зони на миграција“ на нафтените деривати кои завршувале во морето.
„Бидејќи димензиите на нафтеното загадување можат да бидат огромни, а процесот на самочистење на почвата долготраен, биотехнолошките методи на санација на почвата, кои во овој момент ги проучуваме на архипелагот Земјата на Франц Јозеф имаат исклучително важна улога“, рече Дмитриј Крјуков, раководител на научниот проект „Чист Арктик“.
Проектот „Чист Арктик“ е иницијатива на претседателот на РФ Владимир Путин во доменот на чистење на арктичките територии, а на архипелагот Земјата на Франц Јозеф се спроведува од 2012 година. Претходно „Роснефт“, во соработка со компанијата „Иннопрактика“ и Биолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ разви средство без пандан за неутрализација на загадувањата од нафта на вода на ниски и температури под нулата.