Што се случи?
Премиерот на Руската Федерација Михаил Мишустин даде налог на Министерството за дигитален развој, комуникации и масовни медиуми да осмисли систем кој ќе ги следи граѓаните кои контактираат со заболени од коронавирус и со СМС да ги предупредува дека се задолжени да се повлечат во самоизолација. Системот треба да биде развиен во најбрзо време.
Како ќе функционира системот?
Следењето на граѓаните се подготвува на следниов начин:
- Мобилните оператори ќе испраќаат податоци за географската локација на мобилниот телефон на определена личност заразена со коронавирус.
- Врз основа на овие информации системот ќе ја определи патеката на движење на заболениот пред да влезе во карантин.
- Системот ќе ги идентификува сите корисници кои се наоѓаат во непосредна близина на заболениот со COVID-19, а потоа автоматски ќе им испраќа пораки за задолжителна изолација во период од 14 дена.
- Сите информации за евентуално заразената личност ќе се испраќаат во регионалните оперативни штабови за борба против ширењето на коронавирусот.
Дали е тоа остварливо?
Технички е можно да се направи таков систем, со тоа што еден неименуван вработен во еден од руските мобилни оператори се огради, велејќи дека во густо изградените населби може да се следи каде се наоѓа корисникот, но не сосема прецизно, ами со отстапка од педесет метри. Во селата таа отстапка е уште поголема.
А, дали е законски?
Портпаролот на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, Дмитриј Песков, во разговор со новинарите забележа дека системот за следење на луѓето не ги крши човековите права.
Адвокат од организацијата за заштита на човековите права „Агора“ смета дека следењето на движењето на граѓаните не е противзаконско во случај доколку заболените од коронавирусот се сложат на тоа. Доколку, пак, заболениот не се сложи да се следи неговото движење, тоа може да се стори само врз основа на судска одлука, во рамките на законска потрага или во случај на започнување кривична постапка.
Следењето исто така ќе биде противзаконско во случај на поврзување на географската локација со име, телефон, адреса на оние луѓе кои имаат контакт со заболените од коронавирусот и со појавувањето на припадници на спасувачките служби кај овие лица. Тоа веќе би било мешање во приватниот живот, сметаат адвокатите.
Следењето веќе се спроведува
Пред неколку дена каналот Mash на Телеграм објави мапа на раширеност на коронавирусот во Москва. На картата се означени адреси на сите згради од кои се излезени заразените со коронавирус.
„Зошто никој не мисли на тоа дека имаме блиски и дека приватниот живот е неприкосновен. Од мене никој не побарал дозвола да ја објави мојата адреса на социјалните мрежи. Не сакам да ѝ додеваат на мајка ми или да се плашат од неа. Ќе морам да се обратам до организациите за заштита на човековите права“, вели Марија Мухина чија адреса се најде на списокот.
Во врска со ваквите жалби „Агора“ од 19 март дава правна помош околу прашањата поврзани со коронавирусот.
Така од луѓето од оваа организација за заштита на човековите права до 23 март помош побарале повеќе од сто луѓе, напиша на својата Фејсбук-страница Павел Чиков, првиот човек на „Агора“.
Луѓето исто така се жалат на неможноста да се вратат во Русија граѓаните кои имаат привремен престој, како и на одбивањето за враќање пари за откажаните туристички аранжмани или летови.
Правна помош луѓето бараат и во врска со боледувањата, работењето од дома и со привремениот прекин на работа. Адвокатите на „Агора“ даваат совети кому треба да му се обратат. Стручниот тим продолжува со работа, напиша раководителот на организацијата.