Рускиот СОБР сé повеќе користи роботи во акции кои се изведуваат во затворен простор (ФОТО)

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
На интернет се појави фотографија на која се гледа вежба на противтерористички јуришен тим од составот на СОБР „Алмаз“. Специјалците притоа користеа специјален извидувачки комплекс кој се состои од минијатурен робот опремен со камери со висока резолуција. Овој комплекс е особено употреблив при операции во затворен простор.

Имено, со овој уред кој практично е прилепен до земја, управува оператор кој се наоѓа во рамките на јуришната група. Тој го изведува тоа со специјален далечински управувач поврзан со роботот преку видеолинк. Роботот е опремен со голем број камери со висока резолуција кои го покриваат просторот околу него во круг од 360 степени.

Благодарение на своите мали димензии ова средство може на многу безбеден начин да ја разгледа внатрешноста на објектот во кој се наоѓаат терористите, што значително го олеснува дејството на јуришната група. Освен со овие системи, руските специјални единици оперираат и со тактички роботи со малку поголеми габарити кои можат да носат и вооружување (од автоматски пушки па сé до митралези и рачни ракетни фрлачи).  

Специјалниот одред за брза реакција (СОБР) „Алмаз“ се наоѓа во состав на Росгвардија и зоната на неговата оперативна одговорност е Јакутија. Основната намена на оваа единица е решавање на најтешките полициски задачи, вклучувајќи и ликвидација на терористичка активност. Опремен е со најквалитетното вооружување и опрема наменета за решавање на противтерористички задачи.  

Во последно време е забележителна засилена роботизација на овие сили. Во текот на своето постоење овој одред изведе стотици различни акции, а долго време престојуваше и на просторот на Северен Кавказ (Чеченија, Дагестан) во рамките на големата противтерористичка операција на федералните органи на РФ. Неговата структура се состои од неколку специјалистички тимови со вкупна јачина до 70 луѓе.